Власта и опозицијата се на дијаметрално спротивни страни. Владата организира голема граѓанска прослава по повод поканата за членство во НАТО и приближувањето на земјата кон членството во ЕУ, додека ВМРО-ДПМНЕ јасно се спротивстави на прославата и на интегративните процеси и бара амнестија.
„На секој граѓанин на оваа земја, што си ја сака Македонија и што сака да си го задржи и името и идентитетот и културата и традицијата, воопшто не му е до славење во моментов. До славење му е само на Заев и на криминалниот картел кои се на власт кои ги испорачуваат ветените фактури и кои се богатат на грбот на граѓаните.“ – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ во кое партијата повика и на протест во Кавадарци на 15 јули.
Владејачкиот СДСМ на тоа одговори: „Додека Македонија слави за историскиот успех, за членството во НАТО со сочуван македонски идентитет, Мицкоски се грижи само за одбрана на криминалот. Судбината на Никола Груевски му е најважна на Христијан Мицковски, дури повеќе и од членството во НАТО.“
На барањата за амнестија за кои Мицкоски постојано говори, одговорот на СДСМ е дека: „Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ треба да знаат дека амнестија нема да има за никого и секој што сторил каков било криминал ќе мора да одговора.“
Иако Мицкоски јавно говори дека неговата партија не го опструира процесот на изборни реформи и организирање референдум, од соопштението на СДСМ може да се извлече поинаков заклучок: „Наместо да измислува разно разни оправдувања ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски мора да го деблокираат формирањето на Државна изборна комисија. Тоа е предуслов за одржување референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат за својата иднина. Македонија оди напред без разлика на обидите за деструкција на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните нема да дозволат Мицкоски и деструктивните сили да ја закочат македонската иднина. Граѓаните велат ДА за влез во НАТО и почеток за преговори со ЕУ, граѓаните велат ДА за македонската иднина.“
М.Л.