„ВМРО-ДПМНЕ не е против амбасадорите, туку принципиелно реагира кога некои амбасадори ќе ги пречекорат своите овластувања. ВМРО-ДПМНЕ ќе ја продолжи комуникацијата и соработката со амбасадорите на државите-пријатели на Република Македонија бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е гласот на 455.000 граѓани“, се вели во денешното соопштение на партијата.
Од партијата, исто така, соопштуваат дека нивна цел останува членството во ЕУ и НАТО, како и почитувањето на Декларацијата за стратешко партнерство со САД од 2008 година.
Се поставува прашањето дали според однесувањето на претседателот на партијата, Никола Груевски, единствениот пријател на Македонија е Русија?
Имено, по жестоките обвинувања и барањето од Груевски до западните дипломати да стојат настрана од Македонија и да не се мешаат во внатрешната политика на земјата, тој оствари средба со амбасадорот на Русија, од која произлезе и реакцијата на официјална Москва, во која се вели дека „Русија констатира сериозно продлабочување на политичката криза во Македонија и силно надворешно влијание“.
Она што е сигурно е дека Груевски води двојна политика со меѓународната заедница, особено по барањето одговори од амбасадата на САД во Македонија и од Европската унија, околку нивните соопштенија и изјави за што поскоро формирање на влада. По добиените одговори, ВМРО-ДПМНЕ излезе со став дека работата на американската амбасада во Скопје не кореспондира со новата администрација во САД. Но, денеска, американскиот Стејт департмент излезе со изјава дека целосно ја поддржува работата на американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли.
Маја Ивановска