Categories

МОНИТОРИНГ Задржување на личните карти за попречување на гласањето

Долгорочните набљудувачи на ЦИВИЛ дознаваат дека одредени структури во две општини се подготвуваат привремено да ги одземат личните документи на дел од гласачите, со цел да ги спречат да гласаат на референдумот.

Според извештаите, мета на овие активности се посиромашните граѓанки и граѓани во општините од каде што пристигнаа овие информации. Овие извештаи доаѓаат од два сосема различни региони во земјата. Во тек се активности за детална проверка на овие информации на терен. „Од разбирливи причини, оваа информација не содржи детали“ – информираа од ЦИВИЛ.

Понатаму, Тимот за анализи и координација (ТАК) на ЦИВИЛ, информира дека во текот на денот ќе бидат контактирани релевантните институции и странските набљудувачки мисии, меѓу кои првенствено ОДИХР и ќе бидат известени во повеќе детали за наодите на набљудувачите од теренот.

ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријават случаи на притисоци од било кој вид. За пријавување на нерегуларности и притисоци, на располагање им е веб страницата Слободни избори, но пријава можат да поднесат и по електронска пошта (civil@civil.org.mk) со назнака ПРИЈАВА НА НЕРЕГУЛАРНОСТИ или по телефон: 02 / 520 91 76.

Тим за анализи и координација на ЦИВИЛ 

илустрација: Мирослав Стојановиќ – Шуки

Print Friendly, PDF & Email