Лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска го повика Обвинителство и сите надлежни државни структури да го расветлат крвавиот инцидент што се случи, синоќа во македонското Собрание, при што беа повредени покрај Заев, уште неколку пратеници, новинари и вработени со службите за безбедност на Собранието. „Тоа што се случи вчера беше обид за убиство по план и умисла“, дециден е Заев.
Лидерот на СДСМ е убеден дека во синоќешните настани се вмешани одредени полициски структури, зашто како што рече, меѓу маскираните насилници, имало и лица вработени во МВР.
„Насилството што се случи не е демократска вредност, туку е поттикнато од Никола Груевски, Трајко Вељаноски, Ѓорге Иванов и Митко Чавков. Подготвени се за свои интереси да ги жртвуваат државните интереси“, рече Заев.
Тој побара оставка од Чавков. Честитајќи му го, како што рече, легитимниот и целосно според Деловникот на Собранието, избор на новиот претседател на Собранието, Талат Џафери, Заев најави дека наскоро Македонија ќе има нова влада и нема да се отповика на поканата на претседателот Иванов за учество на најавената лидерска средба.
„Господинот Иванов е еден од директните виновници за тоа што се случи во Македонија. Тој е дел од кризата. Рековме ќе има претседател Собранието – има! Ќе има и нова влада на Република Македонија! Процедурата за избор на претседател на Собранието е спроведена согласно со Деловникот, 67 пратеници учествуваа во процедурата, а 61 гласаа за Талат Џафери јавно, тоа го следеа и медиумите. Како народни ибраници должни сме процедурата да ја запазиме до крај, должност ни е и пред вас медиумите“, рече Заев.
Денеска Собранието нема да продолжи со работа и досега нема информација кога ќе продолжи. Внатре се врши увид, не е дозволен влез на новинарски екипи, а улиците се со силно полициско обезбедување.