Здружението на жртви и сведоци на геноцид поднесе кривична пријава до Обвинителството на Босна и Херцеговина против непознати лица – автори, уредници и одговорни лица на Радио телевизија на Република Српска (RTRS) – за емитување програма која, според нив, „етнички ја таргетира бошњачката група и создава наратив што може да произведе национална нетрпеливост и раздор“, објави Радио Слободна Европа на српски јазик.
Станува збор за прилог во емисијата „Печат“ на јавниот радиодифузен сервис на босанскиот ентитет Република Српска, кој беше емитуван на 18 декември оваа година.
Во прилогот „се проблематизира купувањето на околу 800 имоти во Источно Сараево, каде што живеат мнозинство Срби“, и се наведува дека претставува „добро осмислен план за преземање контрола врз овој дел од РС преку купување имоти“.
Во изјава, градоначалникот на Источно Сараево, Љубиша Ќосиќ, изјави дека трендот на купување станови „е опасен и ќе доведе до ситуација каде што потенцијално би можеле повторно да имаме проблем“, и дека треба да се почитува „српскиот префикс“.
Во февруари 2004 година, Уставниот суд на Босна и Херцеговина ги прогласи за неуставни имињата на 13 градови и општини во Република Српска кои го имаа српскиот префикс во своите имиња.
После тоа, Уставниот суд на БиХ ги поништи имињата на 12 општини и градот Српско Сараево, бидејќи Народното собрание на Република Српска не ги промени имињата во рок од три месеци.
Етничкото таргетирање и колективната вина не уживаат заштита на слободата на изразување, според Здружението, и тие бараат санкции.
Агенцијата за регулирање на комуникациите, надлежниот регулаторен државен орган, по објавувањето на извештајот, објави дека ќе дејствува по службена должност и ќе ги истражи наводите поврзани со емитуваниот извештај.
„Со емитувањето на предметниот напис, медиумскиот простор беше искористен за етничко таргетирање на група Бошњаци и за создавање наратив што може да произведе национална нетрпеливост и раздор, што претставува сериозно повредување на темелните вредности на уставниот поредок на Босна и Херцеговина. Етничкото таргетирање и колективната вина не уживаат заштита на слободата на изразување“, наведува Здружението.
Д. Т.
















































