„Позитивно е тоа што демнењето е ставено како посебно кривично дело кое беше предложено од Владата и тој текст треба да влезе во собраниска процедура. Ние правиме добри закони и постојано ги унапредуваме на хартија, меѓутоа треба да се имплементира и во пракса.
Најбитно е полицијата да ги препознае жените жртви, па ќе ја испроцесира пријавата до Јавното обвинителство за да следи истрага. Жртвите секогаш знаат дека се демнети, не мора тоа да биде само со физичко следење. Може да биде и со оставање писмо, уништување имот, да се појавува на места каде што жртвата се движи…
Досега праксата покажуваше дека ако некој пријави тогаш полицијата единсвено го предупредува демначот, меѓутоа може и 5 пати да го предупредат и ништо да не се промени. Она што го бараат институциите е жртвата да докаже дека е жртва и тоа треба да се смени со новите измени во законот. Треба да и веруваме на зборот на жртвата. Жртвите не лажат дека се жртви. Кој сака да се влечка по судови ако не е жртва и дека не доживеала терор. Жртвите треба да докажат дека се жртва, а на сторителот му ја даваме целата слобода. Не смееме да бараме причина зошто е направено тоа дело, ако делото е направено тогаш треба да одговара сторителот“, вели Елена Димушевска, извршна директорка на Национална мрежа против насилство на жени и семејно насилство.
Извадок од интервјуто на Елена Димушевска: „Жртвите не лажат дека се жртви на родово базирано и семејно насилство, демнење или силување“, објавено на 17 септември 2021 година
Рубриката ЦИТАТИ е простор каде што издвојуваме цитати од текстови, претежно објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ. Редакцијата е отворена кон сугестии од своите читателки и читатели. Содржините објавени во оваа рубрика се слободни за преземање од другите медиуми, под услови пропишани во лиценцата Creative Commons 4.0.