ЦИВИЛ – Центар за слобода најостро го осуди физичкиот напад врз новинарот на ТВ 24, Христијан Баневски, во текот на синоќешните протести.
„Се тепаат новинари кои ја вршат својата работа, да ја информираат јавноста за настаните. Се напаѓаат активисти за човекови права и јавни личности. Тоа е неприфатливо и мора веднаш да престане! Ова не е изолиран инцидент и станува очигледно дека насилството е дел од имиџот на протестите од самиот почеток“, се вели во реакцијата на ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ – Центар за слобода го повтори својот повик до МВР, веднаш да преземе итни мерки да го спречи насилството врз медиумските работници и упати повик до учесниците во протестите, да ја согледаат реалноста во земјата и да не подлегнуваат на манипулации и насилнички сценарија.
„Уште еднаш го потсетуваме МВР на деновите кога истураше тешко вооружени оклопни полициски грамади врз демонстрантите кои навистина мирно протестираа и бараа слобода, правда и демократија. Обезбедувањето на протестите на кои им претходеа отворени повици на насилство е прилично скудно овие денови. Некогаш тенковско, некогаш тенко обезбедување…“, стои во реакцијата на ЦИВИЛ.
Од организацијата упатуваат повик до граѓан(к)ите кои трпат притисоци да учествуваат во какви било политички активности против својата волја, случајот да го пријават во ЦИВИЛ на [email protected], на тел. 02 / 520 91 76 или на ФБ профилот на организацијата