Екипа на ЦИВИЛ – Центар за слобода на 23 април (недела) ќе биде дел од набљудувачите кои ќе мониторираат како се спроведува референдумот во Општина Гевгелија за отворање рудници.
За референдумот да се спроведе во фер и демократска атмосфера, со почитување на Изборниот законик, без притисоци, уцени и влијание врз гласачите, ЦИВИЛ ќе отвори и два телефонски броја, кои на граѓаните ќе им бидат на располагање во текот на целиот ден.
На телефоните 078 – 746 138 и 077 – 691 526 граѓан(к)ите на Гевгелија ќе имаат можност да ги пријават сите нерегуларности со кои евентуално би се соочиле на денот на гласањето.
Екипата на ЦИВИЛ тие пријави ќе ги достави до Општинската изборна комисија, а за пристигнатите реакции ќе информира и на информативниот портал на ЦИВИЛ Медиа, како и на социјалните мрежи на ЦИВИЛ-Центар за слобода. На тој начин, граѓан(к)ите постојано ќе добиваат информации за тоа како се спроведува референдумот во Гевгелија.
Референдумското прашање на кое гевгеличани ќе одговараат во недела гласи: „Дали во Општина Гевгелија треба да се дозволи отворање рудници?“.
Како што информираат од Општинската изборна комисија, на референдумот ќе гласаат повеќе од 19.000 жители на Општина Гевгелија, на 37 избирачки места.
ЦИВИЛ ги следи подготовките за референдумот од првиот момент кога советниците во Општина Гевгелија едногласно одлучија за негово спроведување. Тимот на ЦИВИЛ е и во постојан контакт со граѓанската иницијатива „Спас за нас“, која до денеска, кога започна изборниот молк, ја водат кампањата за информирање на граѓан(к)ите за последиците од изградба на отворен рудник за злато и бакар во близина на градот.
Марија Теговска