Categories

МОНИТОРИНГ АВМУ: Прекршочни пријави против телевизиите „Алфа“, “Компани 21-М“ и „Стар“

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) покрена три прекршочни постапки против телевизиите „Алфа“, „Компани 21-М“ и „Стар“. Според АВМУ, трите телевизии, како што стои во Извештајот од мониторингот на изборното медиумско претставување за локални избори во првите 10 дена (25 септември – 4 октомври) не постапувале согласно со Изборниот законик.

Против ТВ „Алфа“ е поведена прекршочна постапка поради необезбедување избалансирано покривање на Локалните избори 2017.

Другите две телевизии, „Компани 21-М“ и „Стар“ емитувале платено политичко рекламирање во посебни информативни програми и тоа во дебатната емисија „Клик плус“ емитувана на 4 октомври на ТВ „Компани 21-М“ и во две изданија на „24 Отворено“, емитувана на 4 и 5 октомври годинава, на ТВ „Стар“.

Според извештајот на АВМУ  од изборната кампања, кај јавниот радиодифузен сервис МРТ има отстапувања од законски пропишаниот образец за структурата на вестите – 30% + 30% + 30% + 10%, но не се констатирани прекршувања на балансот во известувањето.

„Законски определените сегменти од вестите во кои известуваат за активностите од кампањите на партиите од власта, односно од опозицијата, постои квантитативно и квалитативно еднаков третман. Исто така, четирите анализирани сервиси направиле напори да известат и за активности на вонпарламентарни партии (Левица) и за независни кандидати. Потребно е да се забележи дека дел од програмските сервиси на МРТ издвојуваат повеќе време за да известат за дневните настани од земјата и светот што, како медиуми и како јавен сервис, е нивна примарна обврска. Сепак, до крајот на кампањата, треба да обрнат повеќе внимание на законските барања за структурата на вестите“, стои во Извештајот на АВМУ.

Мониторингот на Агенцијата покажува дека телевизиите на државно и регионално ниво и радијата опфатени со мониторингот, генерално се фокусирани на известување за кампањите на двете големи коалиции, предводени од ВМРО ДПМНЕ, односно од СДСМ, кои што имаат најголем број потврдени листи со кандидати за градоначалници и советници.

Притоа, радиодифузерите, настојуваат да обезбедат еднаков третман и квантитативно и квалитативно, со тоа што за коалицијата на ВМРО ДПМНЕ често има повеќе време, како резултат на нивните реакции и критики за активностите и политиките на власта.

М. Талеска

Print Friendly, PDF & Email