Categories

КОЛУМНА Два брега на матна река

Пишува: Сашо Орданоски

Ја слушам вчерашната цинична изјава – којзнае која по ред – на српскиот министер за надворешни работи Дачиќ, дадена на еден меѓународен собир во Блед, дека „Србија се надева дека ќе стане членка на ЕУ пред блокот да се распадне“ и дека „ние (Србите) или ќе станеме членка на Унијата или ЕУ ќе се присоедини со нас“. И потоа следува тирада за неправедниот однос на ЕУ кон Балканот, за двојните стандарди на Брисел, со заклучок дека се добива впечаток оти „Балканот никогаш нема да влезе во ЕУ“.

Тоа ми ги враќа мислите на неодамнешната 24-часовна дипломатска криза меѓу Македонија и Србија, за која и денеска никој со сигурност не може да каже од што точно беше предизвикана од српска страна.

Во европската – па и глобалната – реалност на постојана неизвесност и дневен гео-политички стрес, Србија и Македонија се како два спротивни брега на иста, заматена и брза река. Тие во моментов водат дистинктивно различна политика: српскиот облог е дека проектот на ЕУ и НАТО, на среден рок, нема да опстане; македонската надеж – и насушна потреба – е дека ќе опстане. Наоѓајќи се на периферијата на евро-атлантските структури, а со веќе преживеано искуство на една мачна, југословенска, дезинтеграција, таквиот темелно различен поглед на иднината ги определува повеќето постапки на актуелните власти во Белград и во Скопје: Србија ги бира Русија и Путин, како главни апостоли на анти-западната мисла и акција на Стариот континент; во Македонија тие сили се, барем привремено, поразени, со определбата за трајно сојузништво со Западот, како формула за македонскиот модел на преживување во нашата мултиетничка и мултиконфесионална демократија. Ниту во Белград, ниту во Скопје, домашните политички елити не се обединети околу овие ставови, па силите на модерното и ретроградното – како и да ги дефинирате тие позиции – се во постојани меѓусебни политички борби и несогласувања.

Затоа и не може да се очекува дека меѓу Зеав и Вучиќ ќе има искрена симпатија и продуктивна соработка, туку во меѓудржавните односи ќе продолжи да превладува тактизирањето и дневно-политичкото надмудрување, малку преку официјалните државни платформи, а повеќе низ таблоидните перипетии и никогаш уморните разузнавачки (и криминални) кујни.

Но, влезе ли (и) Македонија во НАТО – тој безбедносен систем што, наводно, само што не се распаднал – Србија ќе остане уште поосамена со својот светоглед за иднината на Балканот. Таа осаменост во Србија раѓа немир и продолжен страв за иднината, а тоа не се добри околности за водење рационална соседска политика. Сакам да кажам, ќе има тука уште компликации и непредвидливи пресврти, како што брзите реки бесконечно ја тркалаат својата матна вода меѓу двата брега на истото речно корито. Во таа смисла, не е прашањето дали, туку кога ќе се случи следното недоразбирање.

Print Friendly, PDF & Email