Ова е граѓански налог за апсење. Денеска треба да бидат лишени од имунитет, уапсени и притворени сите инспиратори и организатори на безумното дивеење во парламентот во тоа што ќе остане запаметено како „крвав четврток“ во македонскиот парламент. Ним мора да им се придружат и помагачите, од министерот за внатрешни работи, неговите помошници и полицајците кои не се помалку одговорни од директните извршители на лудачките акти на насилство.
Лицето Ѓорге Иванов дојде на власт по пат на изборна измама којашто ја организираше Никола Груевски и неговата група осомничени од СЈО. Али Ахмети владееше девет години со дел од Македонија, рамо до рамо со својот шеф и ништо не направи за Албанците.
Извештаите на ЦИВИЛ ги потврдуваат наодите за изборни измами, структурно насилство и брутално кршење на човековите права низ годините. Ако тоа не е доволно, постои уште еден аргумент – во СЈО се води истрага за сето тоа.
Уште еден аргумент даде колегата на Иванов, негов ментор и поддржувач, универзитетскиот професор Светомир Шкариќ, кој се одважи и ја раскажа вознемирувачката сторија за човекот кој нема никакво морално, политичко и законско право да ја задржи функцијата – Претседател. Зборуваме за луѓе кои решија да станат отпадници и успеаја во тоа.
Груевски и неговиот братучед Мијалков владееја со Македонија како класични мафијаши, опкружени со лудаци, како што неговиот кум Ставрески ѝ се пожали на својата колешка, министерката за внатрешни, Јанкулоска, онаа што се чудеше како не можат едно убиство да скријат како што треба. Голем дел од таа структура се однесува како фашистичка банда и во текот на годините ги здроби институциите, избрка над пола милион луѓе од земјата и ги украде парите.
Јасна и проѕирна е играта на Ахмети кој им го препродаде национализмот на помалите, но не помалку амбициозни лидери на албанските партии. Тој го одигра ризичниот и крвав потег со кој екстремните националисти на чело со Груевски го доосакатија македонското општество и воведоа хаос и беззаконие во земјата. Ахмети сака да седи на сите столчиња. За жал, засега му успева. Груевски се бори со сите крвави средства да не оди в затвор и да се наметне како преговарач.
Ако некој му дозволи тој да седне уште еднаш на преговарачка маса, оваа земја е изгубена засекогаш.
ЦИВИЛ Медиа ја преобјавува оваа содржина по повод 27 април, една година откако пратениците на актуелната власт беа нападнати во Собранието на Република Македонија.
Оваа колумна е објавена во Плусинфо и во Слободен печат (29/4/2017)