Законот за употреба на јазиците ја разбрани јавноста
Законот за употреба на јазиците кој претседателот на Собранието, Талат Џафери, доцна синоќа го потпиша, денеска е објавен во Службениот весник.
Со самото објавување во Службен весник овој Закон стапува на сила и со тоа албанскиот јазик станува втор службен јазик во Македонија.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека објавувањето на Законот за јазици и Законот за ратификација на спогодбата од Преспа, без потпис на претседателот Иванов, а со потпис на Талат Џафери е противуставно. Тие ќе поднесат кривична пријава против претседателот на Собранието, Талат Џафери, и против директорот на Службен весник, Мартин Костовски. Од партијата бараат Уставниот суд да пресече и да оцени дали објавувањето на законот за јазици е согласно Уставот и повикуваат на бојкот на законот.
Реакција пристигна и од кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов.
“Објавувањето на Законот за употреба на јазиците и на Законот за ратификација на спогодбата од Преспа во Службен весник без потпис на указ од Претседателот на Република Македонија се противуставни“, стои во реакцијата на Иванов.
Јавното претпријатие „Службен весник“ излезе со соопштение по повод објавата на Законот за јазиците и Законот за ратификација на Конечната спогодба, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните.
Од “Службен весник“ се повикуваат член 52, став 2 од Уставот кој вели: „Законите влегуваат на сила најрано осмиот ден од денот на објавување, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето“. Тие сметаат дека објавувањето е во согласност со Уставот и законите иако претседателот Иванов не се потпиша на законот.
Претседателски избори на 21 април
Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска соопшти дека претседателските избори ќе ги распише на 8 февруари и дека првиот круг од изборите ќе се одржи на 21 април, а вториот на 5 мај.
Првичниот договор за првиот круг од изборите да биде на 14 април, а вториот на 28 април е променет, бидејќи со совпаѓа со Велигден.
Во три општини во Македонија ќе се одржат и локални избори каде моментално има в.д. градоначалници.
„Се следат роковите и истиот ден кога ќе биде изборот на претседател, ќе се гласа и за избор на градоначалници во овие општини“, изјави Џафери.
Рок од пет години за имплементација на Преспанскиот договор
Со имплементацијата на Договорот од Преспа, граѓаните ќе имаат рок од пет години да ги променат своите лични документи, каде ќе стои новото име на државата „Република Северна Македонија“, а со новите амандмани во нив ќе стои и етничката припадност на малцинските заедници.
Покрај новите лични документи, граѓаните ќе треба да си набават и регистарски таблички, на кои ќе стојат кратенките НМ или НМК, за нивните возила, најдоцна во рок од 5 години откако ќе биде ратификуван Договорот од Преспа и во грчкиот парламент.
Во следните пет години треба да се промени и сета останата документација на јавната администрација за надворешна употреба, но и за внатрешна употреба и нивното издавање ќе почне со отворањето на секое поглавје на релевантно поле во преговорите со ЕУ.
Одложено рочиштето за 27 април
Денешното рочиште за случувањата во Собранието од „27ми април“ е одложено, бидејќи дел од обвинетите кои побарале амнестија не добиле правосилни решенија. Судијката Добрила Кацарска, го закажа следното рочиште за 21 јануари.
Започна расправата за изгласување доверба на грчката влада
Со говор на грчкиот премиер Алексис Ципрас, попладнево започна расправата во грчкиот Парламент за гласање на доверба на Владата.
Претседателот на Парламентот ги соопшти промените во пратеничките групи, односно преминувањето на независтиот пратеник Аристидис Фокас во Независни Грци и бришењето на Спирос Данелис од Река.
Расправата во парламентот ќе заврши најдоцна утре на полноќ со гласање на пратениците.
#Перспективи2019
ЦИВИЛ Медиа продолжи со објавување на серија интервјуа и текстови со кои ја рекапитулира политичката и општествената реалност на годината што изминува и се обидува, преку разговори со избрани експерти и јавни личности да ги открие перспективите на претстојната година.
Пред јавноста сега е новиот серијал „Перспективи 2019“ во кој за сега може да ги погледнете ставовите на Розета Трајан, Мирјана Малеска, Мерсиха Смаиловиќ, Мирјана Најчевска, Хусеин Адеми, Марта Гусар, Фатон Алити, Сашко Попоски и Сашо Орданоски.
А. Петровска