ВЕСТ НА ДЕНОТ
Со околу 300 учесници на конференцијата на конференцијата „По Охрид“, во земјава се одбележаа 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во 2001 година. Учествуваше целиот државен врв, поранешни државни лидери, како и голем број меѓународни претставници, политичари, професори и претставници на граѓанското општество од земјава и од светот.
Одбележувањето на 20 годишнината на Охридскиот Договор беше придружено со голем број настани во текот на изминатите неколку недели, а денеска кулминира со Конференцијата “По Охрид“ во организација на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а во во соработка со Универзитетот Колумбија од Соединетите Американски Држави.
ЦИВИЛ МЕДИА објави мноштво од медиумски содржини посветени на настанот, меѓу кои голем дел можат да се најдат во рубриката ИЗЈАВИ.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Груби: Нашето сонце изгрева на запад, да не беше Охрид, немаше да биде Преспа и НАТО
Во неговиот говор, Првиот вицепремиер и министер за Политички систем и односи помеѓу заедниците, Артан Груби, во својство на домаќин на конференцијата „По Охрид“, им се заблагодари на учесниците на оваа конференција кои со нивното присуство искажаа почит спрема историскиот момент на потпишувањето на Охридскиот Договор кој ги постави темелите на високите вредности на демократијата, еднаквоста и мирниот соживот.

Да не беше Охрид, немаше да ја биде Преспа, ако не беа и двете, немаше да го имаме НАТО, но не смееме да застанеме тука и мора да смогнеме сила да го спроведеме и третиот договор со истата храброст и посветеност што ја запечатува нашата европска иднина.
Да водиме, да не се водиме, да работиме за следните генерации, а не за следните избори.
Договорите од Охрид и Преспа не научија дека оваа земја, овој народ, овој регион, не може да биде дом на евроскептицизмот, туку напротив, колку е поголем предизвикот, толку е поголема нашата посветеност бидејќи драги пријатели:
Нашето сонце изгрева на запад.
ЕДИТОРИЈАЛ
„Уште еднаш, од устата на големи меѓународни имиња, слушнавме за сите постигнувања на нашата земја, почнувајќи од Охридскиот рамковен договор, сè до Преспа, НАТО и извонредниот успех на политичките лидери да изградат демократска држава во која се негува мултикултурализмот, слободата и еднаквоста.
ВМРО-ДПМНЕ и останатите кои, иако поканети, не се појавија на одбележувањето на 20 години од потпишување на Охридскиот рамковен договор, само уште еднаш ги потврдува веќе познатите факти: Партијата на лажните патриоти беше, е и остана во длабока самоизолација. За жал, некои од нивните политички сојузници и/или истомисленици, лекомислено паѓаат во стапицата што најголемата опозициска партија самата си ја постави“ – пишува Џабир Дерала во својот денешен Едиторијал посветен на конференцијата „По Охрид“, под наслов „Спектакуларен настан по повод 20 години Охридски договор, мразачите останаа во подрум“.
КУРИОЗИТЕТ
Артан Груби даде интересен коментар по денешното обраќање на премиерот Зоран Заев по повод 20 години од Охридскиот рамковен договор, издвојуваат од ТВ 21. Тој вели дека кога го прашал Ахмети дали доколку беше Заев во 2001 година ќе се потпишел Рамковниот договор, Ахмети му одговорил:
„Да беше Заев во 2001 година, немаше да се случи 2001 година“.
ПОЛИТИЧКИ ОК КОРАЛ
По повод одбележувањето на 20 годишнината од Охридскиот Рамковен договор, со свои ставови и реакции се огласија дел од партиите, преку соопштенија и прес-конференции. Таа комуникација во голем дел, од реакции, премина во препукувања меѓу политичките партии. Вистински соодветен материјал за рубриката ПОЛИТИЧКИ ОК КОРАЛ.
ФЛЕШ ВЕСТИ
КОВИД-19 Ниеден вакциниран меѓу починатите од КОВИД-19 минатата недела. Министерството за здравство во анализата за периодот од 6 до 12 август евидентира дека смртноста е 100 отсто кај невакцинирани, односно ниту еден од сите 25 починати од КОВИД-19 не бил вакциниран. Од 3.497 граѓани со потврден коронавирус во овој период, 450 односно 12,8 отсто биле целосно вакцинирани, а 87,1 проценти или 3.047 граѓани од позитивните не биле вакцинирани, соопштија од МЗ.
ПОЖАРИ Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека е локализиран пожарот во село Дивље, во скопската општина Петровец. Воедно, информираат дека добиле информации од Шумското стопанство „Караџица“ дека локалната самоуправа прави сè и дека овој пожар е локализиран. Локализиран е пожар кај депонијата во Виница, а сè уште гори кај Буковиќ и Раовиќ во Општина Сарај, и близу Демир Капија.
МОЛК Неофицијално, Даниела Арсовска е новата кандидатка за прв човек на Град Скопје на местото на Коце Трајановски. ВМРО-ДПМНЕ молчи, не одговори на прашањата на ЦИВИЛ МЕДИА.
ПОДДРШКА САД силно го поддржуваат продолжувањето на напорите на Западен Балкан за продлабочување и сеопфатно зајакнување на регионалната економска интеграција, во согласност со правилата и стандардите на ЕУ, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент за албанската телевизија Топ Чанел.
ЗАЕВ-БРНЗ Премиерот Зоран Заев, денеска се сретна со американската амбасадорка Кејт Брнз, која му го претстави новиот заменик-амбасадор на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија Ерик Мејер, кој изрази задоволство од доаѓањето во земјата позитивно оценувајќи ги условите за зголемена економска соработка и обезбедување економски просперитет на сите граѓани во земјата.
АНТИКОРУПЦИСКА По повод донесеното Решение за распишување на Локалните избори 2021 година, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) излезе со соопштение до јавноста, во кое им укажува на институциите основани од државата, како и на единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија формирани од нив, на нивната обврска за доследно почитување и примена на одредбите од Изборниот Законик, како и на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, коишто се однесуваат на ограничувања и забрани на одредени активности во изборниот период.
Д. Мишев












