МЕДИУМСКА ОПСЕРВАТОРИЈА | ЦИВИЛ
Посмртните останки на Ратко Младиќ, поранешниот командант на Војската на Република Српска, правосилно осуден на доживотен затвор за геноцид и други злосторства во Босна и Херцеговина, на 3 септември беа пренесени од Хаг во Белград со авион на Владата на Србија.
Авионот слета на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ околу 17:50 часот. Во него, покрај ковчегот, беа синот на Младиќ, Дарко, неговата внука Анастасија, двајца поранешни припадници на Војската на Република Српска и српскиот министер за правда Ненад Вујиќ.
Ковчегот, покриен со знамињата на Србија и на ентитетот Република Српска, го презедоа и го носеа припадници на Војската на Србија, по што со полициска придружба беше пренесен во Воено-медицинската академија во Белград, каде што, на барање на семејството и врз основа на допис од министерот за правда, треба да биде извршена обдукција. Долж трасата од аеродромот, приврзаници на Младиќ се собраа на надвозници со запалени факли и транспаренти со пораки „Добредојде дома, генерале“, „Младиќ – српски херој“ и „Хероите никогаш не умираат“. Ројтерс и Асошиетед Прес го опишаа пречекот како церемонија со воени почести.
Државен погреб без формално прогласување
Министерот Вујиќ непосредно по смртта на Младиќ најави дека тој ќе биде погребан „со највисоки државни и воени почести“, со образложение дека „протоколите за генералите се познати“.
По острите реакции од регионот и од европските институции, Владата на Србија не потврди дека погребот формално ќе има статус на државен. Сепак, начинот на кој беа пренесени и пречекани останките – со владин авион, присуство на министер, ангажирање на Војската на Србија, државни и ентитетски знамиња, полициска придружба и прием во Воено-медицинската академија – му даде државен и институционален карактер на целиот чин.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека очекува десетици илјади луѓе на погребот и дека државата ќе обезбеди логистичка, транспортна и безбедносна поддршка. Подоцна рече дека аранжманите ги прави семејството, но додаде:
„Направив сè што можев погребот да помине како што треба“, без да објасни на што конкретно се однесува неговата помош.
На 5 септември во Домот на војската во центарот на Белград беше одржана комеморација, формално организирана од здружение на пензионирани генерали, но во објект на Војската на Србија и со присуство на министерот Вујиќ и повеќе функционери.
Меѓу присутните беа претседателот на Република Српска, Синиша Каран, министрите во ентитетската влада Жељко Будимир и Радан Остојиќ, шефот на претставништвото на Република Српска во Србија, Млаѓен Цицовиќ, амбасадорот на БиХ во Србија, Александар Врањеш, руската историчарка и сенаторка на Република Српска Јелена Гускова, како и поранешниот премиер на Србија и хашки осуденик Никола Шаиновиќ.
На комеморацијата, Младиќ беше претставуван како „голем водач“, „врвен професионалец“ и „чесен офицер“. Ентитетскиот министер Остојиќ тврдеше дека борците, заедно со Младиќ, „со своите животи, крв и делови од телото ги исцртале границите на Република Српска“. Пензионираниот генерал Живомир Нинковиќ рече дека без Младиќ „не би постоела Република Српска“ и дека идните генерации ќе го слават. РТС ги пренесе овие пораки без наведување на злосторствата за кои Младиќ е правосилно осуден во самиот извештај за говорите.
Погребот е закажан за 7 септември. Ковчегот треба да биде изложен во црквата „Свети Лука“ во Белград, по што Младиќ ќе биде погребан на Топчидерските гробишта, покрај неговата ќерка Ана.
Остра критика од дел од српската опозиција
Дел од опозициските партии и граѓанските организации во Србија оценија дека државните почести претставуваат навреда за жртвите и продолжување на политиката на негирање на злосторствата од деведесеттите години.
Претседателот на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ, изјави дека погребот треба да му биде препуштен на семејството, а не на државата.
„Жртвите на злосторствата немаа можност за погреб, туку беа фрлани во масовни гробници. Тие се оние што заслужуваат сеќавање“, рече Миливојевиќ.
Тој предупреди дека државната церемонија испраќа „грда порака“ до Бошњаците во Србија.
Претседателот на Движењето на слободни граѓани, Павле Грбовиќ, оцени дека почестите им припаѓаат на луѓето што ја задолжиле Србија со добро, додека Младиќ „негативно ја задолжил Србија и бил производ на крвавата политика на деведесеттите“.
Копретседателот на Зелено-левиот фронт, Радомир Лазовиќ, побара институциите да го спречат величањето на Младиќ.
„На воените злосторници не треба да им се оддаваат државни почести. Нема ниту смисла ниту повод за какви било почести. Неговите дела треба да бидат осудени поради сето зло што го предизвика“, изјави Лазовиќ за неделникот „Време“.
Мариника Тепиќ од Партијата на слободата и правдата порача дека генерациите што не учествувале во злосторствата од деведесеттите не треба да го носат товарот од повеќедецениското поврзување на Србија со имиња како Младиќ.
Сепак, српската опозиција е поделена. Лидерот на десничарската Нова Демократска партија на Србија, Милош Јовановиќ, и неговиот сопартиец Предраг Марсениќ ги поддржаа највисоките воени почести, го оспорија кредибилитетот на Хашкиот трибунал и најавија присуство на партиска делегација на погребот.
Осуди, но и длабоки поделби во Босна и Херцеговина
Претседавачот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, потсети дека пресудата против Младиќ останува непроменета, без оглед на политичките обиди таа да се релативизира. Премиерот на Федерацијата БиХ, Нермин Никшиќ, порача дека смртта на Младиќ „не ја менува вистината, ниту ја намалува одговорноста утврдена со пресудите“ и дека тој починал како она што бил правосилно осуден – воен злосторник.
СДП БиХ најави кривични пријави против јавните функционери што го величаат Младиќ или ги негираат, оправдуваат и минимизираат злосторствата и геноцидот за кои е осуден.
Здруженијата на мајките и преживеаните од Сребреница порачаа дека Младиќ не е херој и не е човек кому му припаѓаат државни почести. Претседателката на „Мајките на Сребреница“, Мунира Субашиќ, рече дека починал „голем воен злосторник, злосторникот на Балканот“, додека мајките на жртвите и натаму ја носат болката и слушаат негирања на геноцидот.
Наспроти тоа, властите во Република Српска организираа собири, палење свеќи и верски помени. Функционери од Бања Лука го претставија Младиќ како заштитник на српскиот народ, а дел од нив присуствуваа и говореа на комеморацијата во Белград. Токму оваа спротивставеност повторно ја покажа длабоката политичка и општествена поделба во БиХ околу судски утврдените факти за војната.
Хрватска и Словенија: Величањето го загрозува помирувањето
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ предупреди дека организирањето државен погреб за Младиќ би било еднакво на тоа Србија „самата да си ја затвори вратата кон Европската Унија“.
Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман оцени дека величањето на осуден воен злосторник ги поткопува помирувањето, стабилноста и безбедноста на Западен Балкан, ги продлабочува поделбите и ги зголемува тензиите. Хрватските власти потсетија и дека Младиќ не беше осуден за злосторствата извршени за време на војната во Хрватска.
Словенечкиот министер за надворешни работи Тоне Кајзер изјави дека секое величање на луѓе осудени за тешки злосторства не придонесува ниту кон напредокот на Србија, ниту кон подобро разбирање меѓу соседите. Хрватска и Словенија го оценија белградскиот пречек како погрешен пат за иднината на Србија.
ЦИВИЛ: Директна институционална глорификација на осуденик за геноцид
ЦИВИЛ – Центар за слобода уште на 30 август предупреди дека најавените државни и воени почести, доколку бидат реализирани, ќе претставуваат „директна институционална глорификација на човек осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства“.
Организацијата во своите соопштенија на 30 август, 1 септември до Владата, потсетувањето на 2 септември, како и повикот до ЕУ (2 септември) за конкретни санкции против глорификацијата на военито злосторник, најостро го осуди доминантниот наратив на официјален Белград, во кој Младиќ се претставува како жртва, а меѓународните судови и Западот како негови прогонители.
Според ЦИВИЛ, таквата политика не им служи на граѓаните на Србија, туку на авторитарните и националистичките структури што со децении ги користат војните, жртвите и историските трауми за одржување на политичката моќ и создавање нови поделби.
„Величањето на Ратко Младиќ е напад врз жртвите, вистината и демократскиот поредок“, порача ЦИВИЛ.
Од организацијата нагласуваат дека осудувањето на Младиќ не претставува непријателство кон српскиот народ, туку солидарност со демократските организации, независните медиуми, интелектуалците, активистите и граѓаните во Србија што се спротивставуваат на национализмот и негирањето на геноцидот. ЦИВИЛ побара европските институции конкретно да ги регистрираат и санкционираат случаите на институционална глорификација на воени злосторници.
Организацијата побара од Владата на Северна Македонија и од нејзиниот претседател Христијан Мицкоски да ја осудат глорификацијата на Младиќ и да утврдат политичка, институционална и законска одговорност за јавната поддршка на воениот злосторник. Тука спаѓаат и објавите на Демократската партија на Србите во Македонија, на нејзиниот претседател, коалициски партнер и министер во владата на Мицкоски, Иван Стојиљковиќ, на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ и други.
ЦИВИЛ на својата медиумска платформа објави повеќе содржини поврзани со оваа тема, како што е текстот „Смртта на Ратко Младиќ: Крај за еден воен злосторник, но не и за негирањето на вистината“ објавен ден по смртта на хашкиот осуденик“ од Џабир Дерала, во кој се пренесени и реакциите во јавноста непосредно по веста за смртта на воениот злосторник, како и анализата „Смртта на Младиќ како Прокрустова постела за балканските политичари“ од Љубомир Костовски.
Важно е да се забележи дека, со исклучок на само неколку редакции, најголем дел од медиумите во земјава ги игнорираа соопштенијата на ЦИВИЛ.
Хоџиќ: Идеологијата на воениот злосторник сè уште живее
Претседателот на СДА Македонија, Џелал Хоџиќ, оцени дека историјата ќе го памети Младиќ како воен злосторник осуден на доживотен затвор за некои од најтешките злосторства извршени на европско тло по Втората светска војна.
Тој го критикуваше начинот на кој дел од медиумите во Северна Македонија известуваа за смртта на Младиќ, префрлајќи го фокусот врз неговата болест и наводната неправда во Хаг, наместо врз жртвите и правосилно утврдените злосторства.
„На социјалните мрежи можеше да се види дека сепак идејата и идеологијата на воениот злосторник уште живее кај одреден број граѓани и во нашето општество“, напиша Хоџиќ.
Тој оцени дека медиумите на „српскиот свет“ се обидуваат да ги релативизираат ликот и делото на нивниот „генерал“. Нагласи и дека вистината на која светот сведочеше не може да биде ниту променета ниту релативизирана.
Сурои: Србија продолжува да го прегрнува своето крваво минато
Косовскиот публицист, политичар и интелектуалец Ветон Сурои оцени дека Република Србија официјално го донела во Белград, со државна церемонија, телото на првиот висок воен старешина осуден во Европа за геноцид и злосторства против човештвото по Втората светска војна.
„Тоа е, на свој начин, чин на правда: злосторникот официјално се враќа во земјата од која беа водени војните и злосторствата во поранешна Југославија“, напиша Сурои.
Тој ја толкува церемонијата не само како погребен чин, туку и како политичка порака за односот на српската држава кон минатото. Според Сурои, Србија сè уште не се соочила со сопственото крваво минато, а со начинот на кој го пречека Младиќ покажува дека продолжува да го прифаќа и прегрнува тоа наследство.
Европски реакции
Еврокомесарката за проширување Марта Кос ја откажа планираната посета на Србија поради величањето што ја следи смртта и враќањето на останките на Младиќ.
„Ратко Младиќ беше осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства. Враќањето на неговите останки во Белград ја потсетува Европа на најтемните страници од нашата понова историја“, порача Кос.
Таа нагласи дека глорификацијата е неспоива со вредностите врз кои се темели европскиот пат – соочување со минатото, вистинско помирување и почитување на жртвите. Вучиќ нејзиното образложение го нарече „кратко и глупаво“ и праша дали од Србија се очекувало да го забрани погребот.
Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, ги повика властите во Србија и во Република Српска да му се спротивстават на величањето на осудените воени злосторници, нагласувајќи дека таквото величање не е заштитен говор според Европската конвенција за човекови права.
Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови, кој на 3 септември им ги предаде останките на најблиските роднини на аеродромот Ротердам-Хаг, ја повтори солидарноста со жртвите, преживеаните и нивните семејства и ја осуди секоја постапка со која се величаат лица осудени за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид.
Младиќ беше правосилно осуден во 2021 година за геноцидот во Сребреница, прогоните и присилното преместување на Бошњаците и Хрватите, тероризирањето на цивилното население за време на 43-месечната опсада на Сараево и земањето припадници на ОН како заложници. Тој почина на 27 август во притворската единица во Хаг, на 84-годишна возраст, додека ја издржуваше доживотната затворска казна.
ЦИВИЛ МЕДИА













