„Овие избори имаат висока политичка цел и ќе покажат каква ќе биде перспективата на Македонија. Ќе определат дали ќе има и предвремени парламентарни избори“, рече политичкиот аналитичар, Сашо Орданоски, член на Експертскиот борд на ЦИВИЛ – Центар за слобода , на денешната конференција „Слободни избори за слободно општество“, што се одржа во Клубот на новинарите во Скопје.
Орданоски посочи на три поенти, кои се условени од исходот на локалните избори.
„Со овие избори ќе се реши судбината на неколку партиски лидери. Изборите ќе му пресудат најверојатно, на Никола Груевски. Тоа истото важи и за Али Ахмети, зашто, по изборите, тој ќе одлучува што ќе прави во неговата партија. Изборите ќе бидат битни и за СДСМ и Зоран Заев, зашто ќе бидат оценка за тоа што мислат гласачите за неговите политики. Изборите ќе ја покажат насоката, што ќе ја фатат партиите натаму. Ако се случи некаква форма на пораз, не само Груевски што ќе си замине од партијата, туку ќе дојде до реформски процес, што го започна реформското крило на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа истото важи и за СДСМ“, рече Орданоски.
„Изборите можеби ќе бидат најважни, зашто ќе покажат каде Македонија се движи на патот кон ЕУ и НАТО“, заклучи Орданоски.
Моника Талеска
Фото: Биљана Јордановски
Камера: Атанас Петровски и Дехран Муратов
Монтажа: Ермин Климента