Собранието на Република Македонија, како овластен предлагач на референдумот, нема да определи свои претставници да ја следат работата на изборните органи на референдумот, иако има право на тоа.
За оваа своја одлука, како што било договорено на денешната координативна средба, претседателот на Собранието Талат Џафери со допис го извести претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски.
Државната изборна комисија (ДИК) ги собира податоците од општинските изборни комисии за бројот на пријавени болни и изнемоштени лица кои сакаат да гласаат на референдумот. До попладнево од вкупно 80 општински изборни комисии до ДИК пристигнале податоци од 56, во кои за гласање се пријавиле 1.260 болни и изнемоштени лица.
Рокот за пријавување за гласање на болни и изнемоштени лица заврши на 22 септември на полноќ. Овие лица, како и 1.558 затвреници, според Избирачкиот список, лицата во домашен притвор, како и 2.694 гласачи од дијаспората за референдумското прашање ќе се изјаснат на 29 септември.
Првото гласање на референдумот ќе биде во среда (26 септември), кога во избирачко место во ДИК, своето право ќе го искористат 104 членови и заменици членови на избирачки одбори кои ќе го спроведуваат гласањето во дипломатско-конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии на Република Македонија во странство.
Дваесетина автомобили го блокираа сообраќајот во центарот на Скопје. Според информациите се работи за штрајк на затворската полиција чиј протест ќе трае до 16:30 часот, известува граѓански новинар.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска на прес-конференција изјави дека како општество доволно сме созреани за да се соочиме со реалноста, и дека патот кон ЕУ и НАТО води преку договорот со Грција за името.
„Сите лидери почнувајќи од генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг до германската канцеларка Ангела Меркел укажаа дека нема план Б за да седиме на таа маса и сите што веќе седат, сакаат да не видат таму“, дададе Димитров.