Првата голема вест во 2019 година: Грција кажа ДА!
Или, „Грција кажа не!“, како што напиша Плусинфо (што на македонски значи ДА). Со 153 гласа „за“ грчкиот Парламент го ратификува Преспанскиот договор. Со прозивање, сите 300 пратеници одговараа „да“, „не“ или „воздржано“ за нацрт законот на Министерството за надворешни работи на Грција за ратификација и стапување во сила на Договорот од Преспа.
Премиерски честитки
По ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент, честитки на социјалните мрежи разменија и премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.
„Честито мој пријателе, заедно со нашите народи испишавме историска победа. Нека е вечен Договорот од Преспа, нека се вечни мирот и прогресот на Балканот и во Европа“, му напиша Заев на Ципрас.
По гласањето во грчкиот парламент, Ципрас на својот Фејсбук профил напиша: „Следните генерации и во двете земји им должат благодарност на пратениците кои со храброст и смелост ги поставија темелите за иднина на мир, солидарноста и хармоничен соживот меѓу двата народи. Северна Македонија која што се роди денес ќе биде земја пријател, сојузник и поддржувач на Грција во нејзините напори за безбедност, стабилност и заеднички развој во регионот“.
Избори
Изборите за претседател, според Уставот на Република Македонија, треба да се распишат 60 дена пред истекот на мандатот на актуелниот претседател на државата. Вториот неславен петгодишен мандат на Иванов му истекува на 12 мај. Според најавите на претседателот на Собранието, Талат Џафери, претседателските избори ќе се распишат на 8 февруари. Првиот круг ќе се одржи на 12 април, а вториот на 5 мај.
Постапките за избор на кандидати на партиите допрва ќе започнат. вечерва на седницата на Централниот одбор која е закажана за 19 часот, СДСМ да ја започне постапката, а според досегашните информации, партијата ќе одлучува меѓу Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Стево Пендаровски и Никола Димитров, како понеутрални решенија кои според анкетите кои ги нарачала партијата имале најдобри резултати.
Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, досега има двајца пријавени кандидати за претседател. Едниот е пратеникот Влатко Ѓорчев, а другиот е партиски член кој е непознат за пошироката јавност. Рокот за пријавување истекува на 31 јануари.
Новото руво на ВМРО-ДПМНЕ
Во јавноста денеска излезе соопштение од ново, т.н. патриотско крило на ВМРО-ДПМНЕ кое е составено од членови коишто се незадоволни од пасивната политика на актуелното партиско раководство.
Тие сметаат и дел од власта не е задоволeна со ваквото решение, дека дури и директните актери на договорот не среќни со ова затоа што им е јасно дека ова значи и крај на нивните политички кариери. На пример, Зоран Заев, велат овие опозиционери што засега сакаат да останат анонимни.
#Перспективи2019
ЦИВИЛ МЕДИА продолжи со објавување на серија интервјуа и текстови со кои ја рекапитулира политичката и општествената реалност на годината што измина и се обидува, преку разговори со избрани експерти и јавни личности, да ги открие перспективите за 2019 година.
Пред јавноста сега е новиот серијал „Перспективи 2019“ во кој за сега може да ги погледнете ставовите на Розета Трајан, Мирјана Малеска, Мерсиха Смаиловиќ, Мирјана Најчевска, Хусеин Адеми, Марта Гусар, Фатон Алити, Сашко Попоски , Сашо Орданоски, Арианит Џафери , Акиф Кариман , Огнен Јанески , Кочо Андоновски , Младен Чадиковски , Марјан Ристески, Бранко Героски и Уранија Пировска.
Реформи на безбедносните служби
Со серија текстови и интервјуа, медиумската платформа на ЦИВИЛ ќе даде придонес со тоа што ќе фрли светлина на тековните процеси и ќе ја приближи суштината на реформските зафати до граѓанките и граѓани во чија служба треба да бидат безбедносните служби, најави тимот за комуникација на ЦИВИЛ.
Во медиумските содржини што следат во наредните денови ќе се проговори отворено и директно и за важни аспекти на безбедноста во земјата, вклучувајќи ги и опасностите од насилниот екстремизам, радикализацијата и тероризмот.
Како и секогаш, ЦИВИЛ е отворен за комуникација со граѓанките и граѓаните, за нивните прашања, сугестии и инфромации.
Б. Јордановска