Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети денеска на средба со граѓаните во Чегранe упати остра критика кон македонската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Јас сум длабоко убеден и верувам во определбата на главните политички партии, не на Левица, кои имаат прозападна ориентација. Не ми се допаѓаат сојузите што ги прави ВМРО. Грешат ако мислат дека со Левица можат да освојат 61 мандат и да ја маргинализираат и закопаат ДУИ како единствена пречка која наводно ‘Македонците не можат да напредуваат затоа што им ја земавме власта и тие ќе го враќаат достоинството на Македонците’. Многу грешат и овие соништа да не ги гледаат“, изјави Ахмети и додаде дека ни е потребен фронт за обединета Европа, пренесува ТВ21.
Претседателот на Демократската унија за интеграција под мотото „Заедно за Европа“ денеска го започна, како што велат, принципот на отчетност пред граѓаните и политичката активност на ДУИ да ја презентира работата што ја сработиле. Од друга страна, денеска во Битола другата група, составена од незадоволни функционери од партијата одржаа средба со тамношните граѓани. Меѓу другото, тие го критикуваа лошото работење на владата од страна на министрите од ДУИ.
М. П.