Владата на вчерашната седница донела одлука за издвојување средства за набавка на 100 нови амбулантни возила што ќе бидат распределени во јавните здравствени установи во државата, а на дневен ред била и постапката за решавање на проблемот со паркингот во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Mинистерот за здравство Азир Алиу, на Фејсбук информираше за овие владини одлуки. Амбулантните возила со медицинска опрема, според Алиу, ќе чинат 461 250 000 денари или околу 7,5 милиони евра, а средствата ќе бидат обезбедени „со преземање обврски во рамки на развојниот дел од буџетот во наредните четири години.
„Ова ќе значи побрза и поефикасна интервенција во итни случаи, навремен транспорт на пациенти до секундарно и терциерно ниво, подобра покриеност во урбаните и во руралните средини“, вели Алиу.
Во однос на постапката за решавање на проблемот со паркингот во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, министерот информира дека е донесена одлука земјиштето на паркинг-просторот да се запише во сопственост на државата. Со тоа, како што вели Алиу, се отстранува административната пречка за потпишување договор со Јавното претпријатие „Градски паркинг – Скопје“.
Со овој договор, додава тој, ќе се овозможи модернизација и значително зголемување на капацитетот за паркирање возила, но и воспоставување ред во кругот на Клинички.
За таа цел, предвидено е, вели министерот, да се воведе комплетен мониторинг на паркирањето, информативни табли и дигитален водич за насочување на граѓаните.
„Целта што ќе ја постигнеме ќе биде пациентите и вработените да имаат функционален, безбеден и организиран пристап до комплексот клиники“, вели Алиу.
















































