Џејмс Матис, американскиот секретар за одбрана, пристигна претпладнево во Владата на средба со премиерот Зоран Заев и вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.
Матис допатува изутринава на Меѓунардниот аеродром Скопје, каде беше пречекан од министерката Шекеринска и американскиот амбасадор Џес Бејли.
Џејмс Матис е првиот американски секретар кој ја посетува Македонија во изминатите 14 години.
Тој изјави дека доаѓа во Македонија да изрази јасна поддршка за претстојниот референдум за прашањето за името, но и загриженост поради можното мешање на Русија во процесот.
Премиерот Заев изјави дека очекува Џејмс Матис, при денешната посета на Македонија, да пренесе порака за охрабрување и поддршка за референдумот.
„Матис е денеска дојден овде пред сѐ да пренесе порака за охрабрување на референдумот дека добро е граѓаните да го искористат ова демократско право. Секако, ние ќе ја искористиме оваа прилика да разговараме за сите детали и соработката меѓу министерствата за одбрана на двете земји, на армиите и за заедничките мисии кои ги имаме во Авганистан и јакнење на безбедносната соработка со САД, затоа што Америка е еден од нашите стратешки партнери“, рече Заев.
Во однос на можното руско влијание, премиерот Заев истакна дека тој нема докази и дека Руската Федерација е пријател на Македонија и таа нема ништо против интеграцијата на Македонија во ЕУ, но е против интеграција на Македонија во НАТО.
„Тоа го кажуваат многу јасно. Ние се обидуваме да објасниме дека за нас не постои алтернатива, освен целосната интеграција во ЕУ и НАТО. Сакаме да градиме пријателство со сите земји и со Руската Федерација, така што верувам дека сето она што претставува пријателство со Македонија, ќе го разберат и пријателите од Русија затоа што нашите граѓани ќе останат на таа определба“, рече премиерот, кој присуствува на Конференцијата „Денови на медиуми – ЕУ Западен Балкан“.
А. Петровска
фотографии: МИА