По повод Денот на човековите права, ЕУ останува цврсто посветена на заштитата на човековите права дома и во светот, како и на обезбедувањето мир, вистина, правда и отчетност, изјави денес високата претставничка на ЕУ, Каја Калас.
Таа потсети на непоколебливата поддршка на ЕУ за Обединетите нации, Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права и сите нејзини партнери ширум светот во повикувањето до сите држави да ги почитуваат и исполнуваат своите обврски за човековите права. Оваа година, исто така, се одбележува и 25-годишнината од Повелбата за основните права на Европската унија.
„Човековите права не се само правни обврски утврдени во меѓународните конвенции,“ рече Калас. „Човековите права се живеат, се доживуваат и често се доведуваат во прашање во секојдневните рутини: во училниците, работните места, јавните услуги и онлајн просторот. Тие го штитат начинот на кој се изразуваме, се молиме, се организираме, љубиме и учествуваме во нашите заедници секој ден. Тие им припаѓаат на сите, насекаде.“
Таа додаде дека светот се соочува со сè поголеми притисоци – од дезинформации и ерозија на демократијата до дискриминација, нееднаквост и последици од војни.
„Во многу делови од светот, особено во Украина и на други места во соседството на ЕУ, милиони цивили се борат да преживеат во услови на агресија,“ рече Калас.
На крај, таа упати повик до сите да продолжат со „создавање свет во кој човековите права се живеат – секој ден, од секого“.
















































