
1) Енергија како валута на суверенитетот: континуитетот како „влезница“
Често слушаме дека сè е енергија. Физичарите тоа го мерат преку радиоактивно зрачење, топлинска или кинетичка енергија. Но, во светот на меѓународните односи, енергијата не е само физичка величина – таа е валута на суверенитетот. Во ера на геополитички потреси и растечка неизвесност, доаѓаме до едно суштинско отрезнување: она што ја прави една држава суверена и самостојна во вистинска смисла на зборот не е само знамето, дипломатската мрежа или бројот на војници. Тоа е континуитетот – способноста да се одржи функционирањето на општеството и економијата во криза, што директно зависи од „обемот“ на енергија со кој може да располага една држава.
Континуитетот на енергијата не е „романтичен“ концепт; тој е техничка и политичка реалност. Во кризни услови – војна, санкции, сајбер-инциденти, природни катастрофи, прекин на логистички синџири – државата која може да обезбеди стабилна, предвидлива и доволна енергија, ја задржува контролата врз темпото на настаните. Таа може да ја одржи индустријата, јавните услуги, транспортот, комуникациите, здравството, па и самата способност да одлучува.
Оттука, и „влезниот билет“ за државите кои претендираат да седат на „Високата маса“ не е декларативна моќ, туку енергетска отпорност:
- Достапност (може ли енергијата физички да се набави?)
- Квантум (има ли доволен обем за индустрија и население?)
- Логистика (може ли да стигне таму каде што треба?)
- Инфраструктура (има ли мрежи, капацитети, складирање, резерви?)
- Континуитет во динамиката (дали системот може да работи без „дупки“ и падови?)
Ова последното е најчесто потценето, а токму тоа ја прави разликата меѓу држава што „има ресурси“ и држава што има суверенитет. И тука почнува вистинската приказна за „Облакот“.
2) Илузијата на зелената транзиција и „притисокот“ во мрежата
Се поставува прашањето: може ли една држава да претендира да биде суперсила ако не поседува енергетска независност? Во јавниот дискурс, одговорот често се претендира со фрази за „зелена транзиција“, „чиста енергија“ и „одржлив развој“. Сето тоа е најважно! – Но недоволно прецизно во техничка смисла. Затоа што постои сурова вистина: стабилноста на електроенергетскиот систем не се гради со желби, туку со базна енергија и управување со системот во реално време.
Ветерните електрани и соларните панели се корисни компоненти, но нивниот удел во константноста – во она што инженерите би го нарекле „загарантирана моќност“ – е ограничен. Причината е едноставна: нивното производство зависи од временски услови и дневни циклуси. Кога ветерот стивнува или облаците се задржуваат, производството паѓа. Ако во истиот момент побарувачката расте (зима, индустриски пик, топлотен бран), системот мора да има нешто што го „држи притисокот“. Иако технологиите за складирање (батерии) напредуваат, тие сè уште се далеку од капацитетот да го издржат индустрискиот товар на една цела нација во период на долга криза.
Мрежите мора да работат под оптимален „притисок“. Лаички кажано, балансот помеѓу побарувачката и испораката е она што го дели стабилниот систем од колапс. Во тој баланс, базните извори (термо, хидро, нуклеарни – зависно од државата) имаат улога на “сидро”. Без сидро, системот станува нервозен: цените скокаат, се зголемува ризикот од исклучувања, а државата мора да импровизира со увоз, субвенции или рестрикции.
Зелената транзиција, ако не е придружена со реална инфраструктура (мрежи, интерконектори, складирање, паметно управување, резерви), може да произведе парадокс: државата на хартија „декарбонизира“, а во пракса станува уште позависна од увоз во критичните моменти. И зависноста никогаш не е само економска; таа е геополитичка. Во енергетиката, зависноста значи дека некој друг – со прекинувачот во рака – го одредува вашиот хоризонт на одлуки.
Токму затоа, тезата за суверенитет не е критика на зелениот курс, туку повик енергијата мора да се гледа како систем, а не како мозаик од убави проекти. И тука се спојува енергетиката со „Облакот“ – затоа што дигиталната економија е уште попребирлива за континуитет од класичната индустрија.
3) Географската мапа на моќта: кој го гаси светлото?
Ако ја погледнеме економската и енергетската структура на големите играчи, сликата станува кристално јасна.
Кина, и покрај својот раст, се соочува со хроничен недостаток на енергетски суровини. НР Кина сама по себе не поседува доволно гас и нафта за да се одржува – а камоли да се развива автономно. Затоа има суштински интерес за непречен доток од Русија и Заливските држави. Тоа ја турка во логика на долгорочни договори, инфраструктурни коридори и геополитичко „осигурување“ на синџирите на снабдување. И во таа логика, енергијата е „крвотокот“ на индустрискиот модел.
Русија, од друга страна, ја поседува таа посакувана енергетска сувереност: огромни резерви, простор, и традиција на енергетска дипломатија. Во делот на нуклеарната енергија останува една од технолошки најсупериорните нации. Тоа е дефиниција за независност: не само да имаш ресурс, туку да имаш и технологија, и извозен капацитет, и политичка тежина што произлегува од тоа.
Европа е во најнезавидна положба. Похронично и од Кина, таа зависи од увозни енергенси, што ја поткопува нејзината сувереност и го доведува во прашање нејзиното столче на „Високата маса“. Европа може да има силни регулативи, стандарди и капацитет за нормативна моќ, но кога цената на енергијата станува стратешка пречка за индустријата, нормативната моќ се судира со материјалната реалност.
И тука доаѓаме до САД – уникатна суперсила по неколку основи. Прво, географијата е нивниот најголем сојузник. Сместени меѓу два океани, тие се безбедносна тврдина каде конвенционално загрозување е сценарио со исклучително висока цена за напаѓачот. Второ, САД се во континуиран економски раст од своето создавање, држејќи го приматот на најголема економска сила со децении. Черчил добро разбирал дека без американската индустриска база, војната е изгубена – затоа и Атлантската повелба во 1941 година има поширока логика од чисто дипломатска: таа е оска на индустриска и логистичка моќ.
Денес, САД не само што имаат значајни резерви на нафта и гас, туку располагаат и со стратешки резерви (лекција научена од нафтените шокови во 1973/74). Можеби најважно е дека имаат капацитет да влијаат врз поморските патишта и финансиските механизми преку кои се тргува со суровини. Со други зборови: не е доволно да имаш енергенси – важно е и да можеш да го обезбедиш нивното движење во услови на конфликти, војни и прикриени економски судири.
Но, ако 20. век беше век на нафта, 21. век е век на нешто подеднакво материјално – иако се претставува како „нематеријално“.
4) Новата Ахилова пета: од нафта до силикон – и демистификација на „Облакот“
Се чинеше дека ништо не може да го загрози американскиот опстанок. Или можеби не? За првпат во поновата историја, САД почувствуваа стратешка ранливост – не поради нафта, туку поради ретки минерали и метали неопходни за производство на чипови, батерии и високотехнолошки компоненти. Дел од индустријата, следејќи ја логиката на евтин труд и глобални синџири, со години беше „тивко“ препуштена на Истокот. Освестувањето беше болно, но реакцијата брза: ограничувања, санкции, технолошки контроли, индустриски политики. Почна со случајот „Хуавеи“, а логиката продолжува со електрични возила, батерии и целата сфера на критични технологии.
И тука стигнуваме до новата „вселенска трка“. Ако во 20. век прашањето беше кој прв ќе стапне на Месечината, денес прашањето е: кој прв ќе постигне стратешка автономност во ВИ (Artificial General Intelligence)? Но, како и секоја трка, и оваа има материјална база.
Термините „Клауд“ (Cloud) и „Вештачка интелигенција“ звучат апстрактно, како нешто што лебди „горе во облаците“. Реалноста е брутално материјална. Основите на ВИ се физички: процесори, графички карти, хард дискови, серверски фарми, системи за ладење и илјадници километри кабли. Вашите податоци не се во облак – тие се сместени на физички хард диск кој се врти на точно определена географска локација. Тука мора да се додаде и невидливиот „рбет“ на интернетот: подводните оптички кабли. Спротивно на популарното верување за сателитите, над 97% од глобалниот податочен сообраќај патува по морското дно. Тие кабли се модерните нафтоводи. Ако некој ги пресече – како што видовме со инцидентите во Балтикот – „облакот“ исчезнува, а државите остануваат дигитално изолирани острови.
Борбата за сувереност денес се води токму тука:
- Каде се наоѓаат серверите?
- Кој ги поседува дата-центрите?
- Кој има пристап до податоците и метаподатоците?
- Кој ја контролира латентноста (брзината на пристап) и капацитетот за анализа?
Дали дисковите се во Тексас, Стокхолм, Техеран или Истанбул – не е географска тривијалност, туку стратегиска одредница. Оној што ја поседува локацијата, ја поседува и брзината на пристап, и можноста за анализа, и моќта за одлучување. А во дигиталната ера, брзината е политичка моќ: кој прв обработува, кој прв предвидува, кој прв реагира.
Но, за да се вртат тие дискови и да работат тие процесори, потребна е енергија. Огромен обем на енергија. И најважно: енергија со беспрекорен континуитет. Дата-центрите не „толерираат“ нестабилност како некои други потрошувачи. Тие бараат сигурност, предвидливост и непрекинато напојување. Тука кругот се затвора: дигиталната надмоќ е невозможна без енергетска стабилност.
Во овој контекст, одговорот на едно навидум филозофско прашање станува очигледен: зошто Русија, Европа и Кина толку инсистираат на заштита на податоци (GDPR, суверен интернет), додека САД често го нагласуваат принципот на „слобода на говор“ и слободен проток на информации?
Одговорот е прагматичен: затоа што САД имаат структурна предност. Тие ги контролираат и „алатките“ за собирање податоци (платформи, пребарувачи, екосистеми), и клучниот дел од хардверот/софтверот преку кој тие се обработуваат (чипови, облаци, стандарди). Едвард Сноуден не разоткри само шпионажа, туку ја демаскираше токму таа архитектура на моќта: тој покажа дека „глобалната мрежа“ има свој домаќин, а „облакот“ има националност. Она што тогаш беше шок, денес е базна реалност која експоненцијално порасна.
Денес, оној што располага со податоците, го поседува наративот. Тој има пристап до публиката знае што ја плаши, што ја мотивира, што ја дели – и има техничка можност да го насочи вниманието. Тука сајбер-просторот престанува да биде „виртуелен“ и станува поле на моќ како морето, воздухот и копното. Патем, Тик Ток е одличен пример за тоа. Имено, алгоритамската пристрасност не е теорија на заговор, туку алатка за когнитивно војување која веќе се изучува на воените академии.
За малите држави, ова значи дека ако немаат своја енергија и свои податоци, тие стануваат дигитални колонии – само пазар за туѓи алгоритми и купувачи на туѓа струја.
Заклучок: поликриза и статус кво
Живееме во свет на „хибриди на различни интереси“, испреплетени толку комплексно што создаваат ефект на поликриза: енергетска, технолошка, финансиска, безбедносна и информативна криза истовремено. Сепак, едно е сигурно: сè додека технологијата не направи револуционерен скок кој драстично ќе ја намали потрошувачката на енергија по единица пресметка, САД тешко дека ќе се откажат од предноста што ја уживаат – затоа што таа предност не е само во нафтата и гасот, туку во целата архитектура на дигиталниот свет.
Во оваа нова ера, барелот нафта можеби ја одредува цената на транспортот, но хард дискот – напојуван од стабилна енергија – ја одредува цената на вистината.















































