Вториот круг од локалните избори се одржува во општините каде што во првиот круг никој од кандидатите за градоначалник не освоил повеќе од половина (50% + 1) од важечките гласови.
Во овој круг учествуваат само двајца кандидати кои добиле најмногу гласови во првиот круг.
Процесот на гласање е ист како и во првиот круг, со цел да се обезбеди фер, транспарентен и таен изборен процес.
Кој може да гласа?
Право на глас има секој државјанин на Република Северна Македонија кој има наполнето 18 години и е впишан во Избирачкиот список.
Гласањето се врши само на избирачкото место каде што гласачот е запишан.
Како се одвива процесот на гласање?
- Гласањето се спроведува од 7:00 до 19:00 часот. 
- На влезот во избирачкото место, гласачот го покажува личниот документ за идентификација (лична карта или пасош). 
- Се проверува гласачот со отисок на прст односно Биометриска идентификација на гласачот.
- Се проверува и се потпишува во Избирачкиот список и добива едно гласачко ливче. 
- Гласањето е тајно, а изборот се прави со јасно заокружување на бројот пред името на избраниот кандидат. 
- Пополнетото ливче се свиткува и се спушта во гласачката кутија. 
Кога е гласот важечки?
Гласот се смета за важечки ако гласачот јасно го означил изборот на еден кандидат. Доколку се заокружени двајца кандидати, има други ознаки или нејасни обележувања – гласачкото ливче е неважечко.
Што се избира во вториот круг?
Во вториот круг се гласа само за градоначалник. Советничките листи се избираат единствено во првиот круг и не се повторуваат.
По завршување на гласањето
По затворањето на избирачките места, Избирачките одбори ги бројат гласовите и ги внесуваат резултатите во записници. Државната изборна комисија (ДИК) ги собира податоците и ги објавува првичните, а потоа и конечните резултати.
Како да пријавите нерегуларности?
Ако забележите прекршувања на изборните правила, притисоци или други нерегуларности за време на изборниот процес, можете да се обратите до ЦИВИЛ – Центар за слобода:
💬 Инбокс: facebook.com/civil.mk











 
			
 

 
 
 
 
