Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата упати јавно барање за итно донесување на Предлог-законот за заштита на укажувачите, предупредувајќи дека процесот неоправдано доцни и сериозно ја поткопува борбата против корупцијата.
Од Платформата изразуваат длабока загриженост поради фактот што, и покрај активното учество во работната група формирана од Министерството за правда — во рамки на која беа одржани 15 состаноци и две јавни дебати уште во декември 2023 година — подготвениот Предлог-закон веќе две години не е ставен во собраниска процедура.
Во најновиот Извештај за напредокот, Европската комисија нотира дека Законот за заштита на укажувачите сè уште не е целосно усогласен со ЕУ acquis и дека недостасуваат ефикасни механизми за негово спроведување. Комисијата предупредува дека лицата кои пријавуваат неправилности се изложени на ризик од вознемирување, отказ или други негативни последици, што директно ја нарушува ефективноста на постојната законска рамка.
Дополнително, Платформата потсетува дека во Програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија за 2025 година, Законот за заштитено пријавување и заштита на укажувачи е предвиден за разгледување во мај, како законско решение што треба да ги надмине идентификуваните слабости на постојниот закон. И покрај тоа, годината е при крај, а Законот сè уште не е донесен.
„Бараме итно постапување и донесување на Законот за заштита на укажувачите. Со ова законско решение ќе се унапреди статусот и заштитата на укажувачите како клучна алатка во борбата против корупцијата и ќе се зајакне уште еден суштински механизам за владеење на правото“, се наведува во соопштението.
Платформата нагласува дека носењето на Законот е тест за вистинската заложба на креаторите на политики и носителите на јавни функции за борба против корупцијата и заштита на јавниот интерес.
















































