Повеќе од пет месеци траат преговорите меѓу власта и опозицијата за законот за јавно обвинителство, кој ќе ја одреди иднината на СЈО и, особено, на случаите кои ги отвори. ЦИВИЛ Медиа направи хронологија на целиот процес досега.
27 август
Собранието со 57 гласа „ЗА“, без ВМРО-ДПМНЕ, ја изгласа потребата за донесување на предлог-законот за јавно обвинителство по скратена постапка. Првата комисиска расправа, на која се очекуваат амандмани, е в четврток, 29 август, на седница на собраниската комисија за европски прашања.
По неколкумесечните неуспешни преговори меѓу власта и ВМРО-ДПМНЕ, министерката за правда Рената Дескоска најави „План Б“ – ако не се обезбеди двотретинско мнозинство за законот за јавното обвинителство, спас за СЈО ќе се бара преку измени на Законот за совет на обвинители, кој се носи со 61 глас. Во овој закон можат да се вметнат одредби за избори и организација на новото обвинителство за организиран криминал и висока корупција.
26 август
Уште една безуспешна средба на работните групи на власта и опозицијата за законот за јавно обвинителство – клучно прашање околу кое не се согласни двете страни е статусот на предметите на СЈО.
„Се договоривме, забелешките коишто ги има ВМРО-ДПМНЕ да ги преточи во амандмани. Нашиот предлог е тие предмети да бидат транферирани во обвинителство за организиран криминал од точката до која се стасани во СЈО со цел да нема одоговлекување и да нема застој во постапките и губење докази“, рече министерката за правда Рената Дескоска.
За пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски не е спорно оти оние предмети што се почнати и се водат согласно со законскиот рок што го имаше СЈО, треба да продолжат до конечна судска разрешница.
21 август
Каменот на сопнување во текот на преговорите за Законот за јавно обвинителство не е Катица Јанева туку барањето за затворање на постапките кои се почнати од СЈО по периодот од првите 18 месеци и уништувањето на дотогаш собраните докази. Тоа е клучното прашање за кое има непомирливи разлики, вели министерката за правда Рената Дескоска.
05 август
Преговорите во мирување поради летните одмори, премиерот Зоран Заев ја повика опозицијата да ги поддржи реформите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски обвинува дека единствена цел на законот за јавното обвинителство е „непринципиелна и насилна пресметка со опозицијата“.
Опозицијата е против: Катица Јанева да биде назначена во државното Јавно обвинителство; Вилма Рускоска да раководи со новото обвинителство за организиран криминал и висока корупција, „наследник“ на СЈО; целокупното СЈО да се интегрира во новото обвинителство, истите обвинители да продолжат да работат на предметите на СЈО.
Опозицијата бара: сите обвинители од СЈО да бидат вратени во обвинителствата каде што работеле, а потоа да биде распишан оглас за новото обвинителство; сите предмети на СЈО да му се предадат на државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски и тој да ги распредели по обвинителствата; сите истраги на СЈО отворени по истекот на законскиот рок од 18 месеци да се прекинат; изборот на шефот на новото обвинителство да биде на предлог на опозицијата и освен во Советот на јавни обвинители, да оди и преку собраниската Комисија за избори и именувања.
1 август
Нема напредок во преговорите на работните групи на власта и опозицијата за законот за јавно обвинителство.
„Разговаравме претежно за точките кои се разликуваат во нивниот предлог-закон од предлог-законот кој е доставен од Владата во Собранието. За жал одредени решенија кои многу лесно го карактеризираат нивниот закон како ретрограден и сталинистички, беа позиции на кои тие останаа во текот на денешните разговори“, рече Дескоска.
Опозицијата бара целосна, строга централизација на системот на Јавното обвинителство која, како што рече, ќе значи јавниот обвинител Јовевски или кој и да биде, да биде човек со чиј мандат ќе бидат врзани мандатите на 27 носители на јавнобвинителската функција во државата. Со престанокот на мандатот на државниот јавен обвинител,а како што посочи, би требало да престане мандатот и на тие 27 лица кои се на чело на јавните обвинителства во државата.
„Според барањето на ВМРО-ДПМНЕ треба да дојде до целосно демонтирање на структурата на СЈО, но и за жал на Обвинителството за организиран криминал. Барањето беше дека треба неизивесна да биде судбината на сите лица кои се вработени во СЈО и во Обвинителството за организиран криминал, и со нивното спојување да не се знае тие лица каде ќе одат. Понатаму тие да се распределуваат, што ќе се одрази негативно врз континуитетот на процесите, бидејќи процесот на екипирање оди бавно и тоа ќе доведе и до застареност на одредени случаи“, рече Дескоска.
За статусот на предметите што се водат од СЈО во моментов, Дескоска рече дека од опозицијата инсистираат да нема одредба во законот која ќе даде надлежност на новото обвинителство да ги гони предметите од прислушуваните материјали.
29 јули
Преговори на техничко ниво. Заев: Оптимист сум за законот за ЈО.
Работните групи ги приближија ставовите за финансирањето и одговорноста на целото Обвинителство во земјава. „Имаме приближување на ставовите во делот на буџетот што би го имал обвинителството, воопшто зборувам за целокупното Обвинителство, значи да го зголемиме буџетот на обвинителството како би добиле поголема самостојност како орган“, изјави Оливер Ристовски, заменик министер за правда. Средбата траеше околу еден час, а е прва после долгиот прекин на средбите на работните групи…
26 јули
Рикер до опозицијата: Времето за политички игри веќе е поминато
Хан: Никој не смее да биде амнестиран поради неспособноста да се исполнат одредени рокови
Опозицијата и власта се вратија на преговарачката маса по повикот на американскиот помошник државен секретар Филип Рикер за време на посетата на Скопје. Ден откако лидерската средба не успеа и се отвори случајот „Рекет“, владата објави нов текст за Законот за јавно обвинителство, отфрлајќи го предлогот за кој работните групи разговараа веќе неколку месеци.
23 јули
Новиот закон за ЈО влегува во собраниска процедура
Предлог-закон за Јавно обвинителство, Владата денеска ќе го испрати во Собранието. Од Министерството за правда очекуваат пратениците своите ставови да ги кажат во законодавниот дом, а ако имаат забелешки и да поднесат амандмани. Од Министерството за правда велат дека очекуваат поддршка од сите пратеници, но ги зачудува измената на ставот на ВМРО-ДПМНЕ во врска со предлогот Вилма Русковска да биде на чело на новото Јавно обвинителство за гонење криминал и висока корупција.
22 јули
Новиот закон за Јавно обвинителство предвидува и специјализирано судско одделение
Новиот предложен закон за Јавно Обвинителство со кој СЈО ќе се спои со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал, предвидува и формирање на специјализираното судско одделение каде ќе им се суди на случаите отворени од досегашното СЈО и новоформираната Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупциј
21 јули
ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа Русковска да го презеде местото на Катица Јанева
Опозицијата го прифаќа владиниот предлог за интегрирање на СЈО во ЈО, но не прифаќа истото да го предводи обвинителката Вилма Русковска. За министерката за правда, пак, Рената Дескоска, случајот „Рекет“ само го зaбрзало реализирањето на идејата да се интегрираат СЈО и Јавното обвинителство
19 јули
Влада: Откажана лидерската средба, не прифаќаме ултиматум од Мицкоски
„Владата одбива да прифаќа ултиматуми од неодговорниот партиски претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој заштитата на криминалот и заложбата за блокади и изолации ги става пред државните интереси за напредок на нашата земја“, соопштуваат од владата.
15 јули
Заев повикува на лидерска средба за законот за јавното обвинителство…
12 јули
Заев: За законот за СЈО, застанати се работите
„За законот за СЈО застанати се работите. Министерката за правда денеска даде информација дека е заглавена работата на членот 105“, изјави премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање за време на посета на локалитетот Стоби.
Членот 105 се однесува на продолжувањето на постапките почнати од СЈО, како и на прашања кои се однесуваат на статусот на СЈО.
25 јуни
Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп: Законот за СЈО е услов Северна Македонија да започне преговори со ЕУ.
31 мај
Заев со нов рок: СЈО да се договори пред одлуката за датум за преговори, состанокот на министрите на ЕУ на 18 јуни
Владата и опозицијата не успеаа да постигнат договор за СЈО пред објавувањето на извештајот на Европската комисија, но во извештајот прецизно пишува дека постапките за прислушувањето и сите истраги кои произлегоа од „бомбите“ треба да продолжат.
30 мај
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски на денешната собраниска седница рече дека нема да дозволат незаконски истраги на СЈО надвор од законскиот рок.
10 мај
Нема напредок во преговорите меѓу работните групи на власта и опозицијата.
Министерство за правда: Се додека приоритет е амнестијата, не може да има напредок во преговорите
Клучното прашање за кое се разговарало, како што рече по средбата министерката Рената Дескоска, е членот 105 односно околу продолжувањето на постапките и користењето на доказите кои се собрани досега.
„ВМРО-ДПМНЕ остана на нивното барање постапките кои се отворни по првите 18 месеци од формирањето на СЈО да бидат запрени, сите докази кои се обезбедени да пропаднат во вода односно да не бидат употребливи, а сите мерки кои се преземени да престанат. Тоа поконкретно значи – ако им е замрзнат имотот како партија да биде одмрзнат, ако се изречени мерки на претпазливост и за јавување во суд да престанат, а евентуално тие постапки да бидат сопрени. Таквите ставови се неприфаливи“, изјави Дескоска.
08 мај
Во Министерството за правда нова средба меѓу преговарачките групи на власта и опозицијата за законот за јавното обвинителство
Средбата ја најави премиерот Зоран Заев, изразувајќи надеж дека ќе се постигне договор за законот за јавното обвинителство, „бидејќи останаа уште малку денови до затворање на извештајот на Европската комисија“.
12 април/15 април
Законот за јавно обвинителство сè уште тапка во место
„Викендот од ВМРО-ДПМНЕ повторно испратија материјали, но клучните разлики остануваат. Материјалите не беа во согласност со европските препораки за отворање на преговорите. Разговорите ќе продолжат“, велат за МИА од Министерството за правда.
11 април
Заев омекна за СЈО и бомбите, се најавува ли болен компромис?
Премиерот Зоран Заев денеска настапи со многу помеки ставови околу преговорите за СЈО, а кои сѐ повеќе се приближуваат до оние на опозицијата. Додека министерката Рената Дескоска досега обвинуваше дека опозицијата бара нова амнестија со ограничување или остранување на бомбите од доказните материјали, Заев денеска тврди дека аудио материјалите можат да бидат само индиции и не можат сами по себе да служат како докази. Заев додава дека бомбите не се предмет на преговарање и дека, според актуелниот закон, поднесувањето на обвиненија е 18 месеци од преземањето на материјалите и на предметите.
08 април
Пета рунда преговори
Ненајавена ноќна средба меѓу власта и опозицијата, предводени од Заев и Мицкоски, за статусот на Специјалното јавно обвинителство
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, изјави дека се договориле во иднина преговорите да не се водат преку медиумска битка и да се фокусираат на донесување квалитетно законско решение.
4 април
Нема напредок во преговорите
„Услов за отпочнување на преговорите со ЕУ е донесување Закон за Јавно обвинителство кој ќе овозможи право и правда и казнивост на криминалот во нашата држава“, велат од Министерството за правда. Според нив, очајничките обиди за Законот да се смести скриена амнестија, дополнително ќе придонесе само за продолжување на кривичното гонење ифинализирање на судскитеп остапки против сегашни и поранешни функционери на политички партии.
Жбогар се надева дека ќе се постигне договор за СЈО.
02 април
Четврта рунда преговори – ВМРО-ДПМНЕ не инсистира веќе на “опозициски” главен обвинител
„Разговаравме за статусот на СЈО и во делот за почнатите постапки и делот за употреба на доказите. Може да се констатира дека ги соочивме аргументите, ги слушавме препораките од меѓународниот фактор. Не е завршена работа треба да се слушат уште аргументи. Во делот околу статусот на СЈО мислам дека полесно може да се постигнат компромисни решение. Разговаравме за решение кое би било кимпатибилно со препораките на меѓународната заедница“, изјави по средбата министерката Дескоска.
30 март
И третата рунда меѓу работните групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ завршија без конечно решение, но со договор уште еднаш да се видат.
„Клучните разлики се во статусот на СЈО и во употребата на аудиоматеријалите. Се договоривме да се извршат консултации во делот на тоа каде би можело да има придвижување за да најдеме простор за заедничко носење на законот“, напоменува министерката за правда, Рената Треневска-Дескоска.
29 март
„Вчера имавме средби буквално со сите пратенички групи во Собранието. Разговаравме и со ВМРО-ДПМНЕ околу нивните амандмани, јас кажав дека генерално нивните амандмани можеме да ги групираме во три гурпи. Едната се однесува за амандмани за статусот за СЈО. Сите пораки коишто доаѓаат од меѓународната заедница особено од ЕУ е дека треба да биде посебен орган, а не да се претопи во некои од постојните јавни обвинителства. Вториот дел е околу доказните средства коишто се прибрани во постапките коишто се почнати од СЈО. Ние не би смееле да дозволиме со никаква правна норма да овозможиме амнестирање заради уништување на докази коишто веќе се прибрани. Не зборуваме за аудио снимките, него за материјални докази коишто се прибрани врз основа на снимките како индиции. Третиот дел се амандмани коишто повеќе или помалку можеме да ги дебатираме и има простор за разговор, но, овие две клучни области се главниот камен на сопнување. Заклучокот беше дека ВМРО-ДПМНЕ треба да направи консултации со цел да ги усогласи своите ставови со препораките на меѓународната заедница, бидејќи закон само заради носење на закон не е нешто што ќе ни овозможи носење на закон. Ни предстои процес на понатамошна работа за обезбедување двотретинско мнозинство, вчера не можеме да кажеме дека беа успешни разговорите“, рече Дескоска
28 март
Трета рунда преговори
Власта и опозицијата се договорија да продолжат преговорите околу 65 амандмани на опозицијата за законот за Јавно Обвинителство, во кој треба да се реши и судбината на Специјалното јавно обвинителство. И министерката Рената Дескоска и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ признаа дека сѐ уште има разлики, но има и надеж за постигнување консензус, односно договор за новиот Закон за Јавно обвинителство. Според министерката Дескоска, разликите се околу статусот на СЈО и употребата на аудио материјалите од прислушуваните разговори.
„Од огромна важноста е СЈО да продолжи со гонење на оние кои се одговорни, на сторителите, и тоа да го прави на професионален начин и независно“, порача евроамбасадор Семуел Жбогар во писмена изјава.
„Работиме на обезбедување мнозинство од 80 пратеници“, изјави Дескоска.
27 март
Заев: СЈО ќе биде оддел во јавното обвинителство со јасни ингеренции
Зоран Заев, вчера се огласи на Фејсбук по дуелот со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски. „СЈО е веќе создаден институционален капацитет и нема потреба да го уништуваме. Напротив, како него треба да се водат сите други. Затоа со новиот закон, СЈО, ќе биде оддел во јавното обвинителство со јасни ингеренции“
26 март
СЈО, предмет на игра со зборови, попуштање на власта или манипулација од опозицијата?
ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа во битката за независно судство и тврди дека власта ги прифатила нивните три принципи, откако Министерството за правда вчера пушти соопштение, па истата денеска ја толкуваше.
23 март
Османи: Паралелно со преговорите, ќе бараме и двотретинско за СЈО
Двете неуспешни средби на партиските групи за законот за СЈО ја натерале власта да размислува и за алтернативно решение за гласање на реформските закони, како и тие за СЈО и Јавното Обвинителство. Ова официјално го потврди вицепремиерот Бујар Османи, кој во денешната изјава за медиумите не изгледаше дека е оптимист околу изнаоѓањето компромисно решение со опозицијата. Тој беше дециден дека, иако опозицијата сѐ уште има време да се вклучи во процесот, власта ќе почне и преговори со пратениците за обезбедување на 80 гласа за во Собранието.
21 март
Работната група на ВМРО-ДПМНЕ поднесува амандмани
20 март
Втора рунда преговори – Заев не ја дава Катица
Прашан дали е подготвен да прифати смена на Катица Јанева, Заев вели „апсолутно не, бидејќи со тоа би се испратила лоша порака до оние кои „опстоиле, пркоселе, верувајќи во државата, во системот, во Уставот и законите, во тешко време“.
„Тоа е за мене институционално прашање, од причина што навистина Катица Јанева и нејзиниот тим на обвинители, истражители и сите што работат беа во едно многу тешко време трошката надеж на враќање на правната држава, која ете почна да се враќа во нашата земја. Јас сум убеден дека не смееме да испраќаме лоши пораки до оние кои што опстоиле, пркоселе, верувајќи во државата, во системот, во уставот и законите, во тешко време. Треба да ги поддржиме нивните капацитети. Јас ги слушам и критиките од опозицијата, и не дека немам разбирање за нив, но предностите на вака создадена институција, со овие луѓе е навистина голема предност за Македонија“, вели Заев.
18 март
Партиските групи седнаа на долги преговори
На првата средба не беше постигнат договор, но двете страни се согласија уште еднаш да ги разгледаат изнесените аргументи, да се преиспитаат ставовите и ако евентуално има одредени поместувања, повторно да се состанат в петок.
За власта е неприфатливо барањето СЈО да биде дел од Обвинителството за организиран криминал, ниту прекинување на истрагите и обвиненијата. Поддржуваат решение СЈО да продолжи како обвинителство, а не како одделение во друго обвинителство.
За опозицијата, пак, неприфатливо е СЈО да не одговара пред никого и само да создава буџет, кој никој од надвор нема да го контролира. Друга клучна разлика е судбинатата на истрагите што се во тек од страна на СЈО, предистражните постапки и обвиненија што се покренати по 18 месеци од предавањето на материјалите.
13 март
Законот за Јавното обвинителство е еден од клучните закони преку кој ќе се цени спремноста на нашата држава да создаде правна основа за сериозна борба против криминалот и корупцијата, велат од Министерството за правда. Во нивното соопштение се вели дека донесувањето на законот ќе биде еден од најважните критериуми за донесување на одлуката за почеток на преговорите со ЕУ, но и дел од реформите и стратегијата за правосудниот сектор 2017 – 2022 година, заради чие исполнување министерството април 2018 година, отвори процес на подготовка на Законот за Јавното обвинителство.
11 март
Средба Заев-Мицкоски
„Темите за кои разговаравме беа претседателските избори и идниот тек на реформските закони кои се многу важни за граѓаните и датум за почеток на преговори со ЕУ“ – изјави премиерот Зоран Заев по тричасовната средба со Христијан Мицкоски зад затворени врати.
На лидерската средба Мицковски и Заев се договорија дека ќе се формираат работни групи од 11 март што интезивно ќе работат на предлог -законот за јавно обвинителство.
28 февруари
Дескоска: нема двотретинско мнозинство за законот за јавно обвинителство
Министерката за правда Рената Дескоска пред промоцијата на Првиот национален извештај за перформансите и реформите во правосудството изјави дека смета дека во Собранието нема двотретинско мнозинство за да се поддржи Законот за јавно обвинителство, кој ја одредува иднината на СЈО и неговите случаи.
31 јануари
Средба на Јавниот обвинител и СЈО за мислењето на Врховниот суд
Министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска, денеска за медиумите изјави дека одлуката на Врховен суд се само начелни мислења што не ги обврзуваваат јавните обвинители, што во конкретниот случај не ги спречува да постапуваат по предметите на СЈО. На новинарско прашање што ќе се случи со предметите што се отворени по 30 јуни 2017 година, и дали по тие предмети СЈО ќе ги користие „бомбите“ како доказен материјал, Дескоска одговори дека тоа се прашања за кои се раговара во работните групи во меѓупартиските консултации. „Мојата порака е дека ниеден криминал не смее да остане неказнет“
30 јануари
Врховниот суд утврди начелно правно мислење според кое СЈО не смеело да отвора нови случаи по 30 јуни 2017
Врховниот суд утврдил вакво начелно правно мислење, по иницијативите на адвокатите Боро Тасевски и Еленко Миланов.
„Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност, како кумулативен услов, кој не може да биде пречекорен сметано од денот на прием на материјалите од неовластено следење на комуникации од член 2 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, и по истекот на тој рок од 18 месеци, не е овластен тужител за преземање на јавнообвинителски работи на предистражни и истражни дејствија, предвидени со Законот за кривичната постапка“, стои во известувањето од Врховниот суд.
И. К. Илиевски
фото: Б. Јордановска/ЦИВИЛ
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.