„Зборуваме за потребата да се има широк политички консензус и широка коалиција, за државата да може ефикасно да се справува со многуте предизвици кои ѝ претстојат. Имплементирањето на приоритетните реформи, Договорот од Пржино и решавањето на билатералните спорови во една рака ќе бараат силна посветеност со сите политички партии“, вели портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.
Нејзината изјава доаѓа по вчерашното барање на ВМРО-ДПМНЕ за дополнително објаснување, по изјавата на ЕК дека на Македонија и е потребно формирање на „што е можно поширока влада“.
„Ги поздравуваме тековните напори за разговори со сите политички партии. Ако работат заедно кон постигнување на оваа заедничка цел, тие де факто, ќе имаат уставно мнозинство, кое е важно за евроинтеграциите“, изјави денеска Коцијанчич.
Во текот на вчерашниот ден, покрај барањето за дообјаснување на ставот на Европската комисија, ВМРО–ДПМНЕ со исто барање се обрати и до амбасадата на САД во Македонија.
„…ВМРО-ДПМНЕ бара појаснување – дали нивната позиција значи дека САД сугерираат и бараат од Република Македонија и од партиите во парламентот, да нема нови, предвремени, парламентарни избори и дали овој повик може да се толкува како официјален став на новата администрација во САД, партиите со постоечкиот распоред на силите од последните избори да состават нова Влада?“, праша ВМРО-ДПМНЕ во соопштението упатено до амбасадата.