За жал, и предходната година помина во знакот на Ковид пандемијата. Покрај борбата на СЗО, владите и здравствените работници за сузбивање на пандемијата, вакцинацијата, ковид пропусниците, локдауните, рестрикциите, (не)носењето маски, појавата на новите соеви на вирусот, како нус појава се забележаа и антиваксерските движења, протести и нивното „откровение“ на теориите на заговор.
На антивакесерството, кое зема замав особено на стариот континент, не останаа имуни ниту локалните Фејсбук експерти за прашањата поврзани со ковид пандемијата, вакцините, вакцинацијата, и најново, човековите права поврзани со анти ковид серификатите.
Најчестиот облик на делување на локалните антиваксери се објавите и споделувањата на дезинформации, лажни вести и говор на омраза, поврзани со вакцинацијата, на социјалните мрежи преку нивните Фејсбук и твитер профили . Тоа , и неколкуте антиваксерски протести во обид, кои за кратко време се распрснаа како меур од сапуница.
Првиот, а од сегашна перспектива и најмасовниот „спонтан“ антиваксерски протест во обид се случи на 15 август. Со позната иконографија, развеани знамиња на Вергина, поголема група граѓанки и граѓани, вечерта (15 август) одржа протест од 19 до нешто пред 21 часот, против дополнителните мерки за заштита од Ковид-19, кои во сила стапуваа утредента (16 август). Протестот започна пред парламентот, а заврши пред владата. На протестот учествуваа и сопственици и менаџери на угостителски објекти. Нејасно е кој точно е организатор на овие „спонтани“ протести, а нејасна беше и агендата. Од снимките во живо можеше да се забележи дека најголем дел од учесниците во протестот не се придржуваат кон мерките за претпазливост од Ковид-19.
Најчесто повторуваните пораки на протестот и транспарентите беа „Стоп за присилната вакцинација“, „Мое тело мој избор“, „Господ е со нас“, „Стоп вакцини, стоп фашизам“, но не изостана ни скандирањето „Никогаш Северна, само Македонија“. Во говорите и во паролите се бележи и говор на омразата, закани, навреди и вулгарен речник.
Сите заедно многу говореа за светскиот заговор, дека дојде времето да се спротивстават на светските моќници и дека заканата од вирусот не е вистинска. На крајот на протестот, пред владата, дел од учесниците ги запалија маските и беше најавен нов , уште помасовен протест.
На наредниот, помпезно најавуван нов, масовен протест, на кој присуствуваа едвај стотина демонстранти, се случи тотално фијаско, тепачки за микрофонот и меѓусебни навреди од говорниците. Откако не можеа да се договорат кој да се обрати од говорницата, како што може да се виде и од снимката на А1 он, една од демонстрантките се качи на бината и се обиде да му се доближи на првиот говорник на протестот, кој себе се претстави како поранешен воен разузнавач, по што тој агресивно ја истурка од бината, а останатите присутни и дофрлаа погрдни зборови. Еден од најекспонираните демонстранти, кој не сакаше да го отстапи микрофонот на други говорници, кажа дека не е задоволен од одзивот на денешниот протест и најави поголем протест во недела, на кој ќе присуствувале 20 илјади граѓани.
И, тука се случува еден своевиден парадокс. Со интензивирањето на говорот на омраза и навредите од страна на антиваксерите преку социјалните мрежи и на протести, упатени кон вакцинирањето, вакцинираните, докторите, министерот, Владата, во исто време се зголемува бројот на вакцинирани лица во земјава. Дали антиваксерите, ненамерно, се ставија во служба на имунизацијата?
Можеби здравствените служби во земјава треба да им заблагодарат на антиваксерите за зголемениот интерес за вакцинација кај населението и зголемениот број на вакцинирани.
Ништо од најавуваната масовност не видовме ниту на третиот антиваксерски протест, што се одржа пред Владата. Напротив. Антиваксерите се броеја на прсти, а протестот се претвори во целосен дебакл. За разлика од претходниот, кој изобилуваше со траги-комични ситуации, борба за микрофон и меѓусебни препукувања, вчерашниот протест помина во театарска атмосфера и со многу мал број на луѓе, едвај околу 100 тина.
Две, три свирчиња и една сирена, срамежливи извици „УА“ и неколку дечиња кои весело трчкаа меѓу малкутемина протестирачи пред Владата на РСМ. Без транспаренти, без страсните говорници кои до вчера водеа борба кој ќе дојде побргу до микрофонот, собирот повеќе наликуваше на маалска дружба или состанок на куќен совет на малку поголема зграда. Од минута во минута, и така малата насобрана група антиваксери полека се осипуваше.
Хронолошки гледано, со секој нов протест бројот на присутни антиваксери се намалуваше, и антиваксерскиот протестен балон издиша како дупнат со игла.
Драган Мишев