Со реакција за каменувањето на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград на својот Фејсбук профил излезе премиерот Димитар Ковачевски.
Тој нагласи дека ова е чин на вандализам кој најостро го осудува.
Ваквите активности не соодветсвуваат на договорената политика за унапредување на добрососедските односи, взаемното почитување и пријателство меѓу две соседни држави, истакна премиерот во објавата на Фејсбук.
„Очекувам од страна на надлежните институции во Бугарија во најкраток можен рок да се пронајдат и санкционираат сторителите и да се осуди вандализмот. Северна Македонија во духот на европските вредности, ќе продолжи со заложбите за зацврстување на дипломатската и позитивна агенда меѓу Северна Македонија и Бугарија“, нагласи Ковачевски.
Камења вчера вечер летале кон македoнскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград. Како што објавија бугарските медиуми, ноќеска околу 21 часот по локално време било скршено стаклото на влезната врата.
Организацијата на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин побара од бугарската полиција да го истражи случајот со кршењето на стаклото на македонскиот клуб во Благоевград и да ги најде сторителите.
Д. Мишев