ЛЕГИС заврши со имплементирањето на проектот „Пристап до права и заштита на ранливи групи на луѓе препознаени како бегалци или мигранти“ со финансиска поддршка од „Unitarian Universalist Service Committee“, ориентирани во поддржување на истражувачката околина и човековите права.
Во соработка со Националниот Превентивен Механизам против тортура и одделението за правата на детето при Канцеларијата на Народниот Правобранител, ЛЕГИС спроведе шестмесечно истражување за состојбите во пристапот до права и заштита од повреди на човекови права на луѓето кои се сметаат за бегалци или мигранти, независно од правниот статус или начинот на пристап до територијата на Република Македонија.
Фокусот на истражувањето е целокупната популација, но, со фокус на ранливи групи како што се жените и децата. Како резултат на истражувањето се изработува документ за јавна политика кој ќе ги содржи заклучните согледувања од правно-политичкото и теренско истражување а, ќе понуди и предлог-решенија.
„Со цел да ги вклучиме сите засегнати страни од хуманитарната бегалската и мигрантската криза, организираме научна конференција на која што ќе бидат поканети сите локални и меѓународни организации кои што работат на терен и претставници на државни институции да ги разгледаат резултатите од истражувањето и дадат свое мислење. Со ова, заедно со Омбудсманот сакаме да им укажеме на институциите на системот на сите пропусти и грешки во областа на миграцијата кои нашите правни експерти ги детектираа за време на истражувањето, со цел подобрување во иднина“ – изјави Јасмин Реџепи, ЛЕГИС, за ЦИВИЛ Медиа.
Џ.Д.