Премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница на Економско-социјалниот совет истакна дека клучните економски и социјални прашања треба да се решаваат преку дијалог, партнерство и заемна одговорност.
„Овој Совет не е формалност, туку темел на социјалната кохезија и стабилност во државата, место каде што интересите на работниците, работодавачите и Владата се среќаваат за да се изгради одржлива и правична економија“, рече тој.
Мицкоски нагласи дека целта на Владата е да создаде посилна економија која отвора нови работни места и обезбедува достоинствен животен стандард за секој граѓанин.
„Нашата цел е јасна – економски раст што е инклузивен и правичен, со резултати што се чувствуваат кај работниците, а истовремено обезбедуваат стабилност и конкурентност за компаниите. Прашањето за минималната плата е исклучително важно и чувствително“, додаде тој.
Премиерот потенцираше дека Владата не е против зголемување на минималната плата, но тоа мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите.
„Сакам јасно да нагласам: не сум за наметнати решенија. Одржливо зголемување на платите не се постигнува со административни одлуки донесени преку ноќ, туку со силна и продуктивна економија“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека паралелно со разговорите за минималната плата, Владата ќе работи на зголемување на продуктивноста, поддршка на бизнисите, инвестиции во технологија, иновации и човечки капитал.
„Само така ќе создадеме услови платите да растат континуирано, без да се загрозат работните места или конкурентноста на компаниите“, нагласи премиерот.
Мицкоски заклучи дека Владата ќе продолжи да биде активен и одговорен партнер во овој процес, поддржувајќи решенија што се правични, економски издржани и договорени преку консензус.
„Верувам дека преку искрен дијалог, меѓусебна почит и заедничка визија можеме да дојдеме до решенија кои ќе обезбедат подобар стандард за работниците и здрава деловна клима за работодавачите. Тоа е патот кон посилна економија и посигурна иднина за нашата држава“, заклучи Мицкоски.
Д.М.
Фото: Влада на Република Севера Македонија
















































