пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Омразата ја говорат професори, политичари и новинари. Омразата ја говорат млади и стари, припадници на различни етнички заедници и уверувања, жени и мажи, … Се шири како пожар и граѓаните постепено почнуваат да ја прифаќаат како нормална, потребна, па дури и како составен дел на демократијата.
Говорот на омраза може да е израз на немоќ нешто да се направи, меѓутоа сигурно не е решение. Тој не е орудие на демократијата, туку е оружје кое ја уништува демократијата.
Говорот на омраза не поттикнува на демократско делување, не значи повеќе слобода и активно вклучување на граѓаните во демократските процеси. Кога ќе повикам некој да биде обесен, не ја збогатувам дискусијата, не споделувам нови информации, перспективи на гледање, податоци. Говорот на омраза не нуди поинакви решенија, алтернативни процедури или иновативни излези од некоја ситуација.
Говорот на омраза ја ограничува дискусијата, го стеснува просторот за размислување. Тој им го прави непријатно на граѓаните искажувањето на мислењето, ги заплашува, понижува, омаловажува, навредува и ги дестимулира да делуваат, да прашуваат, да контролираат, да се спротивставуваат, да учествуваат во процесите на одлучување.
Говорот на омраза не ја почитува ниту пак ја поттикнува различноста. Различноста на знаења, мислења, видувања, искуства, вештини. Тој не ги препознава бенефитите од различните култури, уверувања, стилови на живот.
Говорот на омраза ги дели граѓаните по нечии сопствени замислени линии на поделба, ги става во засебни фиоки, ги вкопува во калливи ровови од кои не се гледаат и не можат да комуницираат, меѓутоа можат да се мразат и уништуваат. Говорот на омраза ја оневозможува флексибилноста на идентитетските чувства, ја минимизира промената и го убива развојот.
Кога говорам децата крв ќе ви плукаат, не барам решение, не барам излез од конфликт, не истражувам нови патишта.
Кога говорам омраза нудам безизлез, го подгревам конфликтот и создавам услови за насилство.
Независно од тоа каде е изговорена омразата (од собраниската говорница, во автобус, на карневал, од некој качен на гајба пред Собранието, во медиумите, на социјалните мрежи, од министерската фотелја…) таа резултира во некој вид насилство (физичко, емоционално, психичко, ментално…).
Говорот на омраза никако не може да биде орудие во демократските процеси, меѓутоа е исклучително моќно оружје кое ја убива демократијата.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторката.