Дури 75,4% од испитаниците од ЛГБТИ заедницата, немаат доверба во полицијата дека ќе ги заштити нив и нивните права кога ќе имаат потреба од тоа.
Ова е еден од податоците кои се дел од публикацијата “Анализа на проблемите и потребите на ЛГБТИ луѓето во Република Македонија”, спроведена од Хелсиншкиот Комитет за човекови права – ЛГБТИ Центарот за поддршка.
Дорјана Бојановска, една од авторките на публикацијата, ги претстави трите области кои беа опфатени во анкетата: социјална заштита, правните услуги и полициското постапување. Според Бојановска, најзагрижувачки од добиените податоци е фактот што дури 71% од испитаниците не го пријавуваат насилството кое се врши врз нив, поради нивната сексуална дискриминација, независно за која форма на насилство се работи! А, дури 90 % не би пријавиле дискриминација на работно место до надлежните државни институции или здруженија.
Нискиот степен на пријавување на дискриминација и насилство, дава лажна слика за односот на работодавачите, семејството и околината, кон ЛГБТИ заедницата.
Денес претставената публикација содржи и три групи препораки, согласно со областа која е анализирана. Најголем дел од препораките се однесуваат на сензибилизација на стручните служби, повисок степен на дискриминација, како и спроведување на обуки и јавна кампања за јакнење на довербата на ЛГБТИ луѓето во институциите.
Истражувањето е направено во рамките на проектот: „Поддршка на ЛГБТИ луѓето кои живеат под ризик“, на 134 испитаници од повеќе градови: Скопје (вклучувајќи го Шуто Оризари), Куманово, Битола, Тетово, Прилеп и Струмица.
Како што беше истакнато на денешниот брифинг, истражувањето не е направено на репрезентативен примерок, ниту има намера да претстави како целата ЛГБТИ заедница го согледува сопственото место во општеството.
Во рамки на проектот, отворен е и бесплатен телефонски број, на кој сите граѓани можат да пријавуваат прекршување на човекови права. Телевонскиот број е: 0800 66 66 6
Марија Теговска