Во моментов постои консензус терминот Македонија да се најде во која било варијанта за решавање на спорот со Грција за името, изјави вечерва вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи во интервју во Анализа 24. Тој нагласи дека грчките власти прифаќаат име во кое би бил содржан терминот Македонија. Не сакаше отворено да зборува за можните решенија во моментов, во интерес на целиот процес за конечно решавање на спорот.
– И ние, и Грците, нудиме предлози, а Нимиц треба да даде заедничко прифатливо решение, истакна Османи.
Додаде дека двете држави се обидуваат да пронајдат прифатливо решение кое нема да удира врз најчувствителните вредности на двете општества.
Османи рече дека во разговорите не може да се преговара за индетитетот и оти и Грците така се поставуваат, дека идентитетот не може да биде предмет на преговори. Додаде дека грчката страна сака да се направи разлика меѓу нивниот регион и нашата држава.
– Прашањето е комплексно, се обидуваме да ги разгледаме сите аспекти. Станува збор за многу емоционални слоеви наталожени од политичарите. Треба еден по еден да ги одлупиме тие слоеви на емоции, на предрасуди, и да стигнеме до рационалното јадро, до излез и перспективи, рече вицепремиерот.
Напомена дека решавањето на спорот е важно, дека сега е моментот, бидејќи Македонија не смее да остане надвор од НАТО, особено, рече, во сегашните геополитички турбуленции, што ќе биде опасно за државата.
Во интервјуто Османи рече дека досега на ниво на влада не е разговарано за промена на името на аеродромот и на автопатот, но смета дека треба да има репицрочпни чекори на градење доверба меѓу двете земји кои, рече, може значително да го подобрат процесот.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.
Одговорноста за редакциското опремување на текстовите (наслов, наднаслов, фотографија, тагови) е на ЦИВИЛ Медиа.