Граѓани кои денеска се собраа во Кочани, барајќи одговорност за трагичната несреќа во која загинаа 59 лица, пред општинската зграда фрлаат со јајца и бараат да излезе градоначалникот.
Протестот почна од паркот, но продолжи пред општинската зграда со извици „Бараме правда“, „Секој еден, може да е следен“, „Убијци“….
Средношколци од Штип денеска излегоа на протест барајќи одговорност за трагичната несреќа што се случи во Кочани.
Средношколците побараа да бидат казнети сите оние што се одговорни за оваа трагедија во која загинаа 59 лица, а над 150 се повредени.
– Ова не може да остане неказнето, сите мора да ја добијат својата казна. Одговорните да бидат казнети, изјави Тамара Вуканова.
Средношколците поминаа и пред општинската зграда, а за утре најавуваат нов протест, во пожарот загинаа и сооченици на штипските средношколци.
Во пожарот во дискотека во Кочани, според последните официјални информации, загинаа 59 лица, а над 150 се повредени, пренесува МИА.