Руски проектили погодија неколку воени објекти во градовите Киев, Харков и Днепро. Руските воени сили извршија десант во Одеса, додека руските војници ја преминаа границата кај Харков, пренесува украински Укринформ.
„Инвазијата започна. Само што имаше ракетни напади врз воените командни центри, аеродроми и воени складишта во Киев, Харков и Днепро. Има артилериско гранатирање на границата“, објави советникот на министерот за внатрешни работи Антон Херашченко на Фејсбук.
Информацијата ја потврди новинарот Јури Бутусов.
„Русија ја нападна Украина и нејзините војници ги преминаа нашите северни граници. Воените објекти низ целата земја, особено единиците за противвоздушна одбрана, воздушните бази, контролните системи се погодени. Украинските вооружени сили даваат отпор“, напиша Бутусов на својата Фејсбук страница.
Новинарот Андриј Цаплиенко на својот канал Телеграм напиша дека започнале ракетни напади во Киев, Харков и други градови во Украина, во Одеса руска десантна група слетала во близина на Фонтанка, додека руските војници ја преминале државната граница кај Харков.
Како што објави Укринформ, шефот на земјата агресор, Путин, најави почеток на специјална воена операција во Донбас.