ВЕСТ НА ДЕНОТ
Речиси 300 кандидати за градоначалници денеска и официјално почнаа кампања
Изборната кампања за Локалните избори 2021 закажани за 17 октомври почнува денеска и ќе трае 20 дена односно до 15 октомври на полноќ. Политичките партии и независните кандидати веќе ги најавија своите активности во кампањата иако најголем дел од кандидатите за градоначалници и советници во изминатите месеци веќе имаа неформални средби со граѓаните и претставување на своите програми на социјални мрежи.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
-Јасно е дека во оваа фаза од нашиот политички развој, граѓанското помирување е невозможно, но, сите ние, актуелните политички актери сме должни со скромен личен пример да придонесеме за деескалација на тензиите кои на моменти ја парализираат целата држава. Потребен ни е нов, широк национален и државен консензус за развој кој ќе биде поддржуван од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција. Без тоа, секоја следна годишнина од независноста само ќе ја одбележуваме, без да имаме што да прославуваме, изјави претседателот Стево Пендаровски, на свечениот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991/1991-2021 година”, кој се одрува во органзиација на МАНУ под негово покровителство.
ИЗБОРЕН РАПОРТ НА ЦИВИЛ
Првото издание на „Изборен рапорт на ЦИВИЛ“ со акцент на положбата на независните кандидати
ЦИВИЛ денеска започна со серијата прес-конференции под заеднички наслов „Изборен рапорт“.
Во првото издание на „Изборен рапорт“, ЦИВИЛ им посака успешна и достоинствена кампања на сите кандидатки и кандидати, ги промовираше новите видео содржини и пренесе низа забелешки од независните кандидатки и кандидатки за функции во локалната власт на претстојните избори. „Изборен рапорт“ ќе се емитува во живо, в понеделник, среда и петок, со почеток во 11 часот од прес центарот на ЦИВИЛ.
На пресот беа опфатени веќе познатите предизборни предизвици како што е црната предвремена кампања со национални теми, политичката злоупотреба на децата, како и забелешки од независните кандидати на локалните избори.
Посебен акцент во првото издание се става на положбата на независните кандидати кои во комуникација со ЦИВИЛ изнесоа сериозни забелешки.
Гласаме- уметнички видео спот за гласачка свесност
На 26 септември, ЦИВИЛ го објави видео спотот Гласаме, кој е резултат на соработката меѓу организациите Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата и ЦИВИЛ.
Кратки нозе – емисија за разоткривање на дезинформациите
Цивил ја збогати својата продукција на медиумски содржини за дезинформациите и говорот на омразата и со интернет видео емисијата „Кратки нозе“. Првата епизода беше објавена на 24 септември и постигна извонредно висока видливост. Следното издание може да се очекува веќе од утре.
Цивил организира дебати и интервјуа со кандидатите за градоначалници во повеќе општини низ земјата.
Дебати и интервјуа со кандидатите за градоначалник на Шуто Оризари
Вечерва на програмата на ЦИВИЛ МЕДИА ќе ја проследите дебатата меѓу тројца кандидати за градоначалник на Шуто Оризари, додека веќе утре можете да ја проследите и дебатата меѓу двајца кандидати во Гевгелија.
ФЛЕШ ВЕСТИ
КОВИД мерки Министерот за економија Крешник Бектеши очекува олабавување на рестриктивните мерки во претстојниот, зимски период доколку граѓаните и угостителските објекти ги почитуваат протоколите.
Попис Во последната недела од пописот, попишувањето тече со очекуван интензитет. Заклучно со 20 часот вчера, попишани се вкупно 1.619.857 лица, 503.491 домаќинство и 711.695 станови , објави денеска Државниот завод за статистика.
Фингерпринт Нова пратка на уреди за биометриска идентификација на гласачите се очекува попладне да пристигне во земјава.
Германски постизборни математики Според објавените резултати до 08:48 часот на 27 септември, со проектирани 196 места во Бундестагот (24,1% освоени гласови), германските Демохристијани (ЦДУ), по 16 години владеење на легендарната Mutti, канцеларката Ангела Меркел, сега се на второ место. Нив ги предводи Армин Лашет кој на самиот ден на гласањето беше предмет на потсмев и критика, откако го свитка ливчето обратно, така што можеше да се види за кого гласал (за себе).
Кандидатот на Социјалдемократската партија на Германија за канцелар, Олаф Шолц, победи во изборната единица во Потсдам и со тоа освои место во Бундестагот.
ПОЛИТИЧКИ ОК КОРАЛ
ЦРНА КАМПАЊА
Уште на самиот почеток на изборната кампања за локалните избори кои ќе се одржат на 17 октомври, веќе почна црната кампања во Кочани против актуелниот градоначалник и кандидат на СДСМ за оваа функција, Николчо Илијев.
Во текот на ноќта, во градот се расфрлени летоци со порака: „Зошто ме присиливте“, „Илјада пати кажав не за втор мандат!“. Според информациите на набљудувачи на Цивил од теренот, летоците биле расфрлени од активисти на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
ИЗБОРЕН МОНИТОРИНГ
Во тек е повикот за краткорочни изборни набљудувачи на ЦИВИЛ. Заинтересираните можат да се пријавуваат по пат на едноставна онлајн апликација до 30 септември. На медиумската платформа на организацијата достапни се и одговори на најчесто поставуваните прашања. Во овој период се спроведува и долгорочен изборен мониторинг, кој беше интензивиран од 15 август.
ГРАЃАНСКА ПРИЈАВА ЦИВИЛ спроведува и долгорочен мониторинг на дезинформациите и говорот на омразата. Како и во низа други области, тоа се прави во блиска соработка со граѓанките и граѓаните. Меѓу другото, достапна е и Граѓанската пријава на која може да се пријавуваат случаи на дезинформации и говор на омраза, но и кршење на човековите права, корупција, дискриминација и низа други негативни појави во општеството.
ПРИЈАВА НА ИЗБОРНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ За време на изборниот процес, на располагање е и веб страницата Слободни избори со онлајн формулар за пријава на изборни нерегуларности.
ЕДИТОРИЈАЛ
„Што е нормално општество? Тоа е општество дефинирано според својата сегашност и иднина, а не според минатото и историјата“ – пишува Џабир Дерала во денешниот едиторијал со наслов „Нормално“.
СЛОБОДНА ЗОНА
Сашо Орданоски денеска со експлозивен наслов: „Што ќе пишува на споменикот на Заев?“.
„Да се случеше во Втората светска војна да победи фашистичката оска, веројатно и низ Македонија и низ Европа ќе имаше споменици кои ќе говореа за „злоделата“ на партизанските, комунистички идеолошки и борбени формации, интерпретирани од перата на победниците. Ама, како резултат на голема пожртвуваност и храброст на тогашните антифашисти, историјата доби поинаков тек. Којшто Бугарите и денес се обидуваат самите на себе да си го протолкуваат. Вклучително и проблемот на окупацијата на соседните територии на тогашното бугарско царство“ – пишува Орданоски.
Д. Тахири