„Немав заборови како да им објаснам на моите деца зошто не нѐ пуштиле во аква-паркот ‘Салида’ во Прилеп, само затоа што сме Роми и имаме потемна кожа“, вели за ЦИВИЛ Медиа, Шефки Камберовски, Ром по потекло од Битола, кој со своето семејство 30 години живее во Германија.
Камберовски вели дека дошол на одмор во својот роден крај за да им покаже на своите деца од каде му е потеклото. Но, наместо со убави и пријатни сеќавања, тој со сопругата и со нивните малолетни деца, се вратија во Германија, разочарани од односот на вработените во аква паркот во Прилеп.
„’За вашата вера нема тука влез!’, така ми се обрати обезбедувањето на аква паркот. Најтешко ми беше кога син ми во кола ме праша: која е разликата меѓу бел и црн човек? Не знаев што да му кажам. Два дена децата ми беа разочарани, потоа, седнавме со сопругата и им објаснивме на некој на нив близок начин, зошто има поделби помеѓу луѓето. Во Германија никогаш не се најдовме во ситуација да им објаснуваме такви работи, бидејќи моите деца се дружат со 170 националности од цел свет, и ним им е сеедно дали е бел, црн, жолт или дали е муслиман, христијанин, евреин…, или Турчин, Русин, Кинез…“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Шефки Камберовски, германски државјанин, роден во Битола.
Тој вели дека го разбира човекот што не им дозолил да влезат, бидејќи добил таква наредба и тој само си ја врши работата. И, истакнува дека „иако сме далеку од културните вредности на Европа“, сепак, секогаш ќе доаѓа во Битола, и се надева дека во иднина нема да има дискриминација.
ЦИВИЛ Медиа на телефон разговараше со менаџерот на аква паркот „Салида“, Александар, кој не сакаше да се претстави и со презимето, оти „не било битно“. Тој тврди дека досега немало никакви поплаки.
„Тоа се чисти глупости и шпекулации! Вратите им се отворени на сите што доаѓаат во аква паркот“, кратко изјави менаџерот.
Текст и камера: Дехран Муратов
Монтажа: Даниела Нисева