Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денес ја најави првата сериозна граѓанска иницијатива против, како што наведе претседателот Венко Филипче, опасните и штетни политики на Владата на ВМРО-ДПМНЕ поврзани со можен прием на мигранти во земјата.
Филипче истакна дека е време да се крене гласот на народот и најави покренување онлајн петиција како прв чекор за спречување на, како што го нарече, антидржавното и антинационално однесување на Владата.
„Мора да кажеме одлучно не. Ги повикувам граѓаните да нè поддржат да нè подржат и да ни помогнат да го спречиме ова антидржавно и антинационално однесување на т.н. патриотска влада на ВМРО ДПМНЕ“, порача Филипче, прашувајќи дали цената за кредитот од 6 милијарди евра е токму прифаќање мигранти во Македонија, одлука што, според него, ќе ја плаќаат генерации во децениите што следат.
Тој нагласи дека Македонија не смее да дозволи да стане периферија на Европа и предупреди дека доколку Владата го игнорира ова предупредување, ќе следат уште посилни чекори во интерес на заштита на државата, безбедноста и иднината на македонските граѓани.
Тој додаде дека е време граѓаните јасно да се спротивстават на антидржавното и антинационално однесување на Владата на ВМРО-ДПМНЕ во врска со прашањето за мигрантите и потенцираше дека ќе следи силна мобилизација.
„Ќе следи силна мобилизација, активност на секое ниво, секој град, во секоја општина, во секое село. Нема да дозволиме да дојдат мигранти тука по ниедна цена. Нема да дозволиме на овој начин да се загрози безбедноста и иднината на земјата. Ние сакаме развој, ние сакаме да сме дел од Европска Унија, не сакаме да сме Мека на мигранти, да дојдат луѓе коишто гледаме како се однесуваат во другите земји и какви проблеми создаваат, насилства, протести, силувања, болести коишто се донесени, коишто се искоренети во многу земји многу одамна. Ние тоа нема да го дозволиме, ќе го мобилизираме секој еден граѓанин на земјава. Во следниот период ќе го заокружуваме процесот, еве веќе го заокружуваме процесот, ќе го објавиме и делот на политичкиот тим на СДСМ, меѓутоа тоа нема да биде се’. Ја отвораме вратата за секој еден граѓанин, затоа што во оваа ситуација треба да направи се’ што може секој еден граѓанин, во прашање е иднината на земјата“, потенцираше Филипче.












