„Стратегиите на големите медиумски куќи кај нас се движат во насока на „пожолтување“, забрзување и зголемување на количината во производството на содржини, односно прифаќање на играта, во која крадците и манипулаторите секогаш ќе бидат побрзи, поатрактивни и посочни, а и квантитетот не им е тешко да го постигнат со „позајмување“ туѓ труд, или со оркестрирано ширење готова, спакувана пропаганда.
А за „професионалната“ солидарност? Што да каже човек, кога кај нас честопати ќе видите и како професионалци и новинари застануваат во одбрана на луѓе и сајтови што со години шират не само лаги, туку и чист говор на омраза, ако е тоа опортуно за политиката што ја води редакцијата (да, да, кај нас многу медиуми немаат уредувачка политика туку „водат“ политика).
А публиката не е глупава, иако сака да клика глупости и да се разонодува, мошне ѝ е важна вистината. Неа нема да ја бара кај „два-човека“ порталите, ќе се сврти кон оние од кои очекува дека може да ја соопштат, сериозните, професионални редакции, кои произведуваат, а не крадат туѓи или не дисеминираат партиски или друг тип на готови, пропагандистички содржини.“
Петрит Сарачини, извадок од анализата „Сериозните редакции мора да си вработат проверувачи на факти, ако сакаат публика, доверба и иднина!“, објавено на 6 февруари 2020.