пишува: Сашо Орданоски
[dropcap font=”arial” fontsize=”45″]Н[/dropcap]е мора човек да е Ден Браун, ниту да е експерт за кодот на Да Винчи, за да открие дека со проста пермутација на имињата и презимињата на двајцата бегалци од обвинението на СЈО за масовното прислушување, се добива силна индиција за главниот осомничен во овој скандал: Никола Бошковски +/- Горан Грујовски = Никола Грујовски… Ете го шефот, чучнат во нивните имиња и презимиња, како алтер его на нивните двојни, криминални персони!
Тоа е насоката по која ќе се одвива утврдувањето на вината во судскиот процес во предметот за прислушувањата. Кога ќе бидат испорачани во Македонија, Бошковски и Грујовски ги очекува долга, раздвоена, низа од исповеднички признанија, а трката ќе биде кој побрзо и покомплетно да ја раскаже својата сторија и да ги убеди обвинителите дека токму тој, а не оној во соседната канцеларија, ја говори вистината за тоа дека над нив има повисоки инстанци кои треба да ја понесат одговорноста за свесното, договорено, организирано и масовно кршење на законот; и оти тие биле само извршители на наредбите и спроведувачи на работните налози.
Бидејќи сите кочници откажаа, завршено е со калкулациите. Сега секој ќе се бори за себе, за својот интерсе, за сопствениот спас – во тој и во сите останати случаи коишто ги процесира СЈО. Што би се рекло, иако сме на прагот на зимата, обвинетите славејчиња само што не се расцрцориле на сет глас!
Тоа е најнепријатниот резултат за Груевски од завршените локални избори. Веќе нема простор ни за лажни надежи, а ни за прикриени закани, дека ќе дојде до некаков миракулен, неочекуван политички пресврт што ќе ја навести макар и најфантастичната можност за враќањето на Фамилијата на власт. Мислам дека од неделата и Орбан го остава да комуницира со автоматската телефонска секретарка, кога му ѕвони Грујо од Скопје: „Го добивте центарот за десен популизам во Европа. За очајници, свртете 1. За донации, свртете 2. За збогување од политиката, само спуштете ја слушалката…“
При тоа, има некаква перверзија во опсервацијата на последните денови на деспотот пред неговиот формален пад и од челото на партијата. Како да присуствуваме на некоја проба на драма во некое од затворените одделенија во Бардовци: Грујо глуми „нормалност“ во неговата замислена партиска продавница за кристал во која никој сѐ уште не смее ни да се накашла, за целиот свет да не им се сруши врз главите како лошо прицврстена театарска сценографија. И кое е сценариото што го смислил? Не ги признава изборните резултати; тој диктира барања за да ја удостои Македонија со своја понатамошна политичка активност; а и реформистите ќе ги избркал од партијата, за да не го избркаат тие него… Замислете, си го бара и пасошот назад, оти црвените теписи распослани низ светот на него чекаат за да ја објасни судбината на расплетот на меѓународните кризи, од Северна Кореја, до Каталонија!
Селото му гори, баба Грујо се чешла. Овојга ќе го гледаме уште некоја недела. И толку.
Преземањето на оваа содржина е дозволено само по 11 часот, на денот на објавувањето. Потоа, важат вообичаените правила според лиценцата Creative Commons 1.0.