Денес се одржа третата седница на Советот за реформа на јавната администрација, како највисоко координативно тело задолжено за управување со реформските процеси во јавната администрација. Седницата ја предводеше Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски.
На седницата членовите на Советот го разгледаа и усвоија ажурираниот Акциски план 2023–2026 година, кој произлегува од Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030. Планот е усогласен со приоритетите од Програмата за работа на Владата 2024–2028, како и со клучните документи од процесот на европска интеграција – Патоказот за РЈА и Реформската агенда.
Ажурираниот план ја одразува и усогласеноста со измените во Законот за организација и работа на органите на државната управа, идентификувајќи водечки институции и други органи вклучени во спроведувањето на реформските активности. Дополнително, интегрирани се препораките од Извештајот од оценската мисија на SIGMA за 2024 година.
Во рамки на дискусијата беше нагласена важноста од планирано и навремено спроведување на реформските активности, со цел унапредување на ефикасноста, професионалноста и транспарентноста во работењето на јавната администрација.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, истакна дека редовното одржување на седниците на Советот е клучно за континуитетот и успешноста на реформите.
„Одржувањето на вакви седници е од исклучително значење, бидејќи нивната редовност, транспарентност и конструктивност беа поздравени во Извештајот за напредокот на Европската комисија како позитивна практика во управувањето со реформските процеси“, нагласи Минчев.
Тој додаде дека Министерството за јавна администрација ќе продолжи активно да го координира спроведувањето на реформските мерки и да обезбедува поддршка на институциите, со крајна цел создавање модерна, услужна и професионална администрација во служба на граѓаните.
















































