Додека траеја протестите на поддржувачите на ВМРО–ДПМНЕ во Скопје против, како што велат, „двојазичноста и редефинирањето на државата“, во автобус на Јавното сообраќајно претпријатие била пуштена емисија на Радио „Слободна Македонија“, во која, водителот Александар Станковски, еден од поддржувачите на власта во јавноста, зборувал за наводно расцепување на државата, за наводна агресија од Косово и за наводно, смислено сценарио на странците…?!
Граѓанскиот новинар кој сака да остане анонимен, вчера ни испрати снимка од дел од говорот на радио–емисијата која била пуштена во автобусот „53“ кој вози до Катлановска бања, една од линиите на која се возат граѓан(к)и од сите етнички заедници.
„Го прашав возачот на автобусот зошто пушта таква радио-емисија каде што се шири националистичка пропаганда? Возачот не одговори ништо, само молчеше“, вели граѓанскиот новинар.
Тој додава дека имало коментари од граѓан(к)ите оти возачите на ЈСП, со пуштање на такви пропагандни емисии, на некој начин, се и директни поттикнувачи на меѓуетничките инциденти меѓу младите во автобусите.
Иронијата да е уште поголема, додека траела пропагандната радио-емисија за тоа колку Македонците треба да си ја сакаат и бранат државата од странските влијанија кои сакаат да ја расцепат и да воведат двојазичност, на сигналната табла во автобусот, постојано се движела текст на македонски и албански јазик.
Минатата недела, провладиниот „Курир“ имаше текст дека и ЈСП – Скопје ја поддржува граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ која се залага за „зачувување на унитарноста и сувереноста на државата“.
ЦИВИЛ Медиа се обиде телефонски да ги контактира претставниците на раководството на ЈСП – Скопје, но „одговорниот за давање одговор“ не беше присутен. Потоа, му беше испратен мејл и на директорот на ЈСП, но досега ни оттаму не добивме одговор