Повеќе од 1.000 пациенти во Газа починале од јули 2024 година до крајот на ноември годинава додека чекале медицинска евакуација, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).
„Од јули 2024 година до 28 ноември 2024 година, 1.092 пациенти починаа додека чекаа медицинска евакуација“, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, на социјалната мрежа „X“.
Тој нагласи дека бројката, која ја објавило Министерството за здравство на Газа, најверојатно е пониска од реалниот број на починати пациенти, пренесува францускиот весник „Ле Фигаро“.
Гебрејесус истакна дека СЗО и нејзините партнери од октомври 2023 година досега евакуирале повеќе од 10.600 критично болни пациенти од Газа, од кои над 5.600 се деца на кои им е потребна интензивна медицинска нега.
Според податоците на СЗО, итна медицинска евакуација сè уште им е потребна на повеќе од 16.500 жители на Газа.
Директорот на СЗО упати повик до повеќе земји да прифатат пациенти од Газа и истовремено побара продолжување на медицинските евакуации од Западниот Брег, вклучително и од Источен Ерусалим.
Иако кревкото примирје во Газа стапи на сила на 10 октомври со посредство на Соединетите Американски Држави, медицинските евакуации сè уште не се одвиваат со потребното темпо, наведува весникот.
















































