Светскиот ден на слободата на медиумите го дочекавме како неслободна земја. За првпат во историјата на плуралистичка Македонија. Кому да честитаме?
Оние што со години ги опсервираат одблиску медиумските состојби, со право ќе речат дека тоа што годинава стаса заслужената круна, е „достигнување“ за кое во овие 25 години самостојност дадоа несебичен „придонес“ и политичките, и економските, и интелектуалните, а секако и новинарските елити. Сите тие заслужуваат честитки.
Но, секако, колку и да сака (или да мора) човек да биде непристрасен набљудувач на состојбите, не смее да се заборави кој е „најзаслужен“ за ваквиот „напредок“. И тој јунак, ако ништо друго, треба барем јавно да се именува.
Тоа е оној за време на чие владеење почнаа рапидно да тонат медиумските слободи. Оној, што за првпат затвораше медиуми во Македонија. Оној, што за првпат затвораше новинари за тоа што го напишале. Оној, во „чие време“ ќотекот над новинарите стана вообичаена појава. Оној чијашто тајна полиција што прислушуваше илјадници граѓани, десетици редакции и истакнати новинари.
Тоа е оној што купуваше медиуми со наши пари. Оној, под чии наредби медиумите останаа слепи за студентските протести, за Мартин Нешковски, за прислушуваните разговори, за 24 декември, за штрајкот на лекарите…Оној, под чии наредби беа јавно распнувани стотици луѓе, јавни личности, политичари, интелектуалци, уметници, лекари, млекари, синдикалци, стечајци – секој којшто се дрзнал да мисли и говори поинаку од него. Оној што бега од медиумско соочување над 10 години.
Секако дека и малите деца знаат, кој е тој. Неговото име е Никола Груевски. Ти, Никола Груевски, си виновен што Македонија е неслободна земја. Ти и твоите началници, прислужници и партнери сте виновни што немаме слободни медиуми, а и слобода воопшто.
Затоа, на овој 3 мај, ако ништо друго, ете, те именувам и ти чинам чест. Ќе ми возвратиш со радост. Кога ќе дојде слободата, а ти ќе се бавиш со други работи наместо да си играш со нашите животи.