На меѓународната конференција „Одбрана на демократијата: Хоризонти на слободата“, на тема како ВИ го трансформира современиот конфликт и како авторитарните режими ја користат за принуда, информациска доминација и хибридни операции, разговараа Горан Василевски, Ванчо Ордaноски и Никола Гелевски. Тркалезната маса „ВИ на првите линии: војна, авторитаризам и демократски иднини“, ја модерираше Џабир Дерала.
„Ако демократската контрола над безбедносниот апарт, којашто е сега вградена, станува илузорна ако клучните одлуки ги носи техничка структура, што никој логички не може целосно да ја надгледува. И тука е клучот. Класичниот софтвер којшто е збир на правила напишани од човек и кои во принцип човекот може да ги прочита и ревидира. Модерната вештачка интелигенција е нешто друго. Нејзините модели не се програмираат, се „одгледуваат“, се само растечки и само одлучувачки“, изјави Ванчо Орданоски.
„Мое лично видување е дека ВИ е, како што и самиот збор кажува, вештачка и креирана од човекот. Убеден сум дека во иднина тоа што ќе превагне е што креаторот на ВИ, човекот, ќе умее да стави одредена бариера. Човечкиот фактор, сепак, ќе биде пресудаен, особено кога станува збор за војните. Не се во прашање само дронови. САД веќе го имаат испробано тој прототип – тенк којшто може да гаѓа одредена цел без директно да ја гледа“, изјави полковникот Горан Василевски.
„Самата технологија не е толку проблем. Технологијата ги менува општествата сакале-не сакале, но самото општество, архитектурата на заедниците често не ја следат таа брзина на нејзиниот развој. Јас ги гледам добрите страни на вештачката интелегенција, бидејќи стварно многу време штеди. И останува да се бавиш со она, за што човекот и најверојатно е направен, морални одлуки, стратегии, емоциии, тоа ВИ уште го нема“, изјави Никола Гелевски.
„Видовме дека ВИ многу се употребува во менување на ставовите на луѓето во изборни периоди, односно, манипулацијата со алгоритмите е посебно проминентна, а не е видлива. ВИ создавајќи екосистем во кои многу добро знаат како вие емотивно ќе реагирате на одредена сторија, тие алгоритмите ги манипулираат на тој начин со микротаргетирање да продрат во мислите на луѓето и да ги моделираат нивните ставови на начин кој му одговара на нарачателот кој имал најмногу пари“, изјави Џабир Дерала.
















































