Резолуција за напредокот на Македонија, предложена од европратеникот Иво Вајгл, која се однесува на извештајот на Европската комисија за 2016 година, беше усвоена денеска.
Откако претходно поради политичката криза гласањето беше одложено, денеска со 503 гласови – „за“, 113 – „против“ и 45 – воздржани, европратениците конечно гласаа во корист на Резолуцијата. Со оваа резолуција, која беше усвоена од Комисијата за надворешни работи, уште еднаш се препорачува започнување на преговорите за членство на Република Македонија во Европската унија.
Резолуцијата претрпе неколку измени, односно, беа поднесени 40 амандмани кои ги имаа предвид промените што се случија во Македонија.
Во овој необврзувачки документ се опфатени неколку значајни сфери: предвремените парламентарни избори во 2016, реформите за пристапување во Европската унија, зголемувањето на видливоста на ЕУ-проектите во земјата, зајакнувањето на јавната администрација, поддршката на организациите на граѓанското општество, зајакнувањето на правосудството, борбата против корупцијата, меѓуетничкото помирување, животната средина, миграциските политики и добрососедските односи.