Европскиот парламент утре ќе ги разгледува извештаите за напредокот на Македонија на патот кон Европската унија. Покрај извештајот за Македонија, ќе се разгледуваат и извештаите за Србија и за Косово.
Во Нацрт-резолуцијата за Македонија се посочува дека земјата треба да го продолжи патот кон ЕУ и да преземе решителни реформи во сферите на владеењето на правото, правосудството, корупцијата, човековите права, внатрешните работи и добрососедските односи.
Гласањето за одделни резолуции за напредокот на трите земји е закажано за среда.
Конкретно, резолуцијата за Македонија се однесува на извештајот на Европската комисија за 2016 година и е предложена од словенечкиот европратеник Иво Вајгл.
За време на јунската сесија во Стразбур, не е предвидено да се води дебата пред гласањето, затоа што европратениците веќе дебатираа за Извештајот и за ситуацијата во Македонија за време на мајската сесија, откако претходно беше одложено гласањето поради политичката ситуација во Македонија.
Со оваа резолуција, која беше усвоена од Комисијата за надворешни работи на ЕП, уште еднаш се препорачува дека Скопје треба да го продолжи патот кон ЕУ и да преземе решителни реформи, а при нејзиното усвојување, „за“ гласаа – 54 европратеници, а „против“ беа осум, од кои седум грчки европратеници.
М. Т.