Пишува: Дороти Пачкова
Во растењето на моите три деца, немав „десна рака“. Ги носев, доев, тешев, исправав на нозе сама.
И паралелно, со години, се исправав и себеси. И исправав неисправливи други пречесто…
Се појавував за нив со ковид, со температури, со бактерии, со скршено срце, со загубени битки, по целоживотни пријателства загубени, со грижа за други луѓе, со пропаднати проекти, по абортирани бизнис зделки, по погреби и загуби, по непроспиени ноќи, по хенговер, и по денови кога душата ми била празна, а телото исцрпено.
Речиси 15 години за мојот првороден човек. Речиси 6 години за мојата срединка, шлагчето на нашето семејство, Ноа. И 4,5 години за мојата принцеза Софи.
И покрај сè, кога минатата недела добив експресен термин за операција, првата мисла не ми беше за мене. Беше стравот:
„Ако нешто тргне наопаку, моите деца ќе останат сами на светов.“
Па се обидов тој страв да го рифрејмувам.
Да го видам болничкиот престој како дозвола конечно да здивнам. Да одморам. Да престанам барем накратко да бидам столбот што постојано држи сè и сите.
Но утрото пред да заминам во болница, се случи неочекуван пресврт.
Го гледав домот како првпат да го гледам.
Ги бакнував нивните работи, наместо да ги пакувам моите.
Ми доаѓаше да ги галам креветчињата.
И си дозволив да плачам од длабока, речиси болна благодарност што токму мене ми е дадено да бидам нивна мајка, да ги гледам како растат, како им менуваат очите нијанси кога ги шибаат емоции и како ме гледаат со заљубени очи кои веруваат дека мојот бакнеж е лек за сѐ и нивното секое „мамо крени ме“ посакувам да го понесам во вечност!
На прием задоцнив.
И воопшто не ми беше важно.
Првиот ден спиев како што не памтам дека сум спиела со години.
Вториот ден ме оперираа, а персоналот едвај ме разбудил од анестезија. Едноставно сум се исклучила…
Третиот ден повторно се враќав во својата кожа.
А за Денот на мајките, сама се вратив дома.
Со завои од канили, со преврски, со попатно испазарени полни кеси за следната недела мирување и со срце полно благодарност што во мене сè уште чука силата на живиот живот.
Благодарна што исклучувањето траеше кратко и што им се враќам на најљубените.
И за таа океанска љубов со која ги растам нив. Душите на мојата душа.
Во Развојната академија работиме на личен развој, резилиентност и психолошка издржливост.
Но вистината е дека најдлабокиот развој не се случува кога сме совршени, туку кога сме распукани и сепак продолжуваме да сакаме, да носиме, да создаваме и да се појавуваме за тие што зависат од нас и за самите себе.
За секоја мајка што минува низ операции, развод, кариерни предизвици, селидби, транзиции, пукнатини, замори, разочарувања и битки – а сепак останува најсигурната конекција во животот на своите деца и на сопственото битие:
Те гледам.
Те разбирам.
И длабоко те почитувам.

Порака од Авторката
Ако те интересира зрела, свесна, персонализирана поддршка при процеси на трансформација на себе и сопствениот живот, пиши ми за поддршка и закажи си сесија кај мене на Развојна Академија.
Еве го и мојот подкаст со серијали кои не тангираат нас, мајките и професионалките на ова време.
Слушај
ТУКА
Линк до Фејсбук профилот
на Дороти Пачкова












































