Една вистина за Македонија е дека тука луѓето од различни религии живеат заедно илјадници години. Така како што е сега одсекогаш било, уште од дамнина. Луѓето овде умеат да живеат заедно, да се почитуваат едни со други, да ги познаваат сопствените разлики.
Затоа решивме да се помолиме, për të gjithë ne, për vendin tonë (за сите нас, за нашата земја), за Македонија, велат заедно попот и оџата, пред да ја почнат заедничката молитва, во еден двор, оддалечени 10 метра едни од други, без огради и ѕидови.
Секој со својата религија и обичаи да го моли бога мирот и соживотот во оваа земја да останат со век и векови. Ние можеме овдека да живееме, тука сме биле и ќе бидеме за навек. Може да се почитуваме и разбираме, за убав живот, за арно, за сите наши деца.
Ова е видеото од кампањата „Заедничка молитва – 10 метри одвоени“ на македонската маркетинг-агенција „Њу момент“ која освои Гран-при во 2013 година на „Голден драм“, најголемиот европски фестивал за адвертајзинг, што се одржа во Порторож, Словенија.
Покрај наградата за најдобра агенција, регионалниот креативен директор, Душан Дракалски ја доби и специјалната награда Златен часовник за најнаградуваната кампања на фестивалот „Заедничка молитва“ од проектот за промоција на соживотот во Македонија.
Истата година, „Њу момент“ за кампањата „Заедничка молитва“ го освои и Титаниумскиот лав на фестивалот на креативноста во Кан, највисока награда во адвертајзингот, а воедно прва за Македонија и во регионот.
Д. Мишев