„Додека во Бугарија се слави потпишувањето, во Македонија има незадоволство и чувство на пораз, нешто што беше видливо и на прославите на националниот празник Илинден на Мечкин Камен и во Пелинце, каде што имаше катастрофална, речиси непостоечка посетеност на народот на овие настани“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Како единствен виновник за „штетниот договор“, ВМРО-ДПМНЕ го посочува Зоран Заев и „неговата неспособна Влада“ и бара СДСМ да се повлече од Договорот.
„ВМРО-ДПМНЕ се залага за пријателски и добрососедски односи со Република Бугарија која е пријателска земја, и за пријателство меѓу македонскиот и бугарскиот народ, но овој договор кој Заев го потпиша, не ги почитува интересите на македонскиот народ и на Република Македонија, и тоа е видливо и јасно, народот не го поддржува овој договор, а стручната јавност има сериозни забелешки за неговиот текст“, стои во соопштението на опозициската партија.
Нарекувајќи ја владеачката партија – „СДС“, во своето соопштение ВМРО-ДПМНЕ тврди дека доколку партијата на власт ги прифатела нивните „суштински и конструктивни забелешки и предлози за подобрување на текстот на договорот“, ќе можело да се зборува за квалитетен и позитивен договор. Според опозицијата, СДСМ „опиен од омраза и гнев и свесен дека мора да ја плати политичката фактура за Заев да се обиде да се извлече од својот криминал, покажа дека нема капацитет да води држава и дека е подготвен на распродажба на македонскиот интерес“.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека треба да има договор со Бугарија што ќе биде еквивалентен во правата и обврските, и во кој ќе се почитуваат националните и државни интереси на Република Македонија.